Кучкарот беше појава. Лепотан. Многу девојки беа смртно заљубени у Кучкар. Знаеше да се носи, имаше ненаметлив шарм, прав скопски магуп. Секогаш убави чевли. Чаирчанец.
Многу свирки беа правени на клупите во Чаир карши некогашниот Хипермаркет. На Кучкар повеќе му беше мерак да свири со другарите у Чаир, отколку на сцената, за која беше роден.
А беше гение за бас гитара. Кариерата ја почна со Александар Прокопиев во „Уста на уста“. Но првиот винил што го издаде во Југославија за ПГП РТБ беше со бендот Бастион.
Легендарен македонски њу вејв бенд со многу оригинален пристап: Кики Џајковски синтисајзер и ритам машина, Љубе Кучкар бас и Ана Костовска вокал. Понекогаш ги преслушувам песните на Бастион и сеуште звучат модерно и интересно. Многу беа пред времето.
Стално го напињав зошто не свири професионално со таков талент. Еднаш ми рече : „Саки се уморив да се бркам. Ја бркав ритам машината на Кики у Бастион, а после го бркав Гаро на бубњеви у Парамециум. А Гаро е бетер од ритам машина“.
Скромен беше, ненаметлив. Роден за музичар, а не сакаше и не умееше да го ефектуира врвниот талент. Кога ја правев емисијата „Урбани легенди“ една од првите беше Љубисав Стоисављевиќ Кучкар. Сите што ги интервјуиравме имаа само најдобри зборови за него. Посебно Шенол Деваја, кој одамна веќе не е со нас. Којзнае дали постои видео записот од таа емисија.
А видео запис постои од спотот „Хот дејс ин Мексико“. Во спотот Кучкар го игра Троцки. Барем таква беше замислата колку што се сеќавам, а и носеше такви очила и брадичка како Троцки во спотот. Спотот го режираше Милчо Манчевски многу пред да стане филмски режисер. Никаде го нема тој спот. Легендата вели дека спотот го чува на некоја лента мојот комшија Емил Костовски ( брат на Ана Костовска вокалот на Бастион) и дека не го дава никому да се пресними.
Кучкар му беше најдобар другар на братучед ми Таки, исто голема скопска легенда, кој ако постои рај, ќе се изнаприкажува сега со Кучкарот. Беше шмекер и финтаџија. Играа шах со чичко Томе на клупите во Чаир и одеднаш тишината ја пресекува прашање на Кучкар : “Чичко Томе ти мрднат си?“ Овој махинално одговара, не, остај да размислам уште малку. Потоа му текнува и му вика море мангуп, ако ти ја врзам една…
Штета за Кучкар и како човек и како бас виртуоз. Што би рекле постарите, нема веќе такви луѓе.
Слични новости
Форд врати на работа стотици инженери затоа што вештачката интелигенција не е дорасната на задачата
Американскиот автомобилски гигант Форд реши да ги врати на работа искусните инженери, откако се покажа дека вештачката интелигенција не може да парира на нивните вештини и децениското искуство, објави Би Би Си.
Тој стори 5 и натаму неприкосновен на Бокс офисот
Петтото продолжение на анимираната франшиза на студиото Пиксар „Тој стори“ втора недела е на врвот на американскиот Бокс офис со заработка од 70 милиони долари овој викенд. Филмот за две недели има фантастична заработка од 297 милиони долари во САД и дури 585 милиони долари глобално.
Почина македонскиот поп-пејач и композитор Владо Јаневски
Владо Јаневски има издадено шест студиски албуми со големи хитови како „Ако не те сакам“, „Евергрин“, „Дома си е дома“, „И тогаш некоја будала“, „Некогаш и негде“, „Црно тиквешко“, „Ова е наше Скопје“.


