На повеќе од 60 проценти обработени гласачки места, актуелниот премиер Бенјамин Нетанјаху е во благо водство. Сепак, израелските медиуми предупредуваат дека до крајот на пребројувањето ситуацијата може да се смени, затоа што голем дел од обработените гласови доаѓаат од региони каде што Нетанјаху и неговата партија Ликуд, традиционално имаат силна поддршка.

Лидерот на опозицијата поранешниот начелник на Генералштабот на израелската армија Гади Ајзенкот денеска порача дека гласањето покажало оти мнозинството Израелци сакаат тој да си замине од власта.

Излезните анкети објавени синоќа по затворањето на гласачките места укажуваа на тесна победа на опозицијата.

На изборите во Израел имаше невообичаено висока излезност од дури 77 проценти, а посебно изненадување приредија и Израелските Арапи, кои исто така масовно излегоа на гласање. Тоа резултираше со рекорден број пратеници на Арапските партии во израелскиот Кнесет, што беше постигнато на сметка на помалите израелски партии кои поради високиот одзив не успеаја да го поминат изборниот праг од 3,25 проценти.

Се чини дека ниту Нетанјаху, ниту Ајзенкот нема да имаат доволен број пратеници за да формираат мнозинство, а и двајцата ја отфрлија можноста за коалицирање со партиите на Арапите.

 

Слични новости

Иран планира нови правила за минување на бродовите низ Ормутскиот теснец

Иран планира нови правила за минување на бродовите низ Ормутскиот теснец

Иранскиот комитет за национална безбедност соопшти дека управувањето со Ормутскиот теснец ќе биде насочено кон безбедноста и заштитата на националните интереси на Иран. Со овој закон на Техеран му се обезбедува контрола и надзор на влезовите и излезите од теснецот.