Метеорскиот пораст на TikTok од кратка апликација за споделување видео содржини до глобален гигант во секторот на социјалните медиуми привлече големо внимание од регулаторите, особено поради неговите врски со Кина.
Платформата беше обвинета за шпионажа во САД, а Европската унија отвори истрага за наводите дека TikTok бил наводно користен за да му помогне на кандидат на екстремната десница на романските претседателски избори.
Оттами, во кусата анализа агенцијата AFP го поставува прашањето дали TikTok е шпионска алатка на Пекинг, апликација за забава или и двете?
Кампања за влијание на Романија
ЕУ истражува дали наводното руско мешање и „повластениот третман“ на TikTok придонеле за изненадувачката победа на крајниот десничарски претседателски кандидат Калин Џорџеску во првиот круг од претседателските избори во Романија.
Тоа е трета истрага што Европската комисија ја покренува против TikTok, кој ризикува парична казна до шест отсто од својот глобален промет.
Платформата одгоори дека презела „решителни активности“ против наводните дезинформации за изборите. Русија негира дека се мешала во романските избори и, вообичаено, бара таквите тврдења против неа да бидат поткрепени со докази.
Под притисок
Соединетите држави во април донесоа закон со кој се бара од кинескиот сопственик на TikTok, компанијата „ByteDance“, да ја продаде платформата до 19 јануари, велејќи дека ѝ давала пристап на владата на Кина до податоците за американските корисници.
Доколку продажбата не се остввари, платформата може да биде забранета во САД и да ги изгуби своите 170 милиони американски корисници.
TikTok призна дека вработените во „ByteDance“ во Кина имале пристап до податоците на Американците, но негира дека ги дал податоците на кинеските власти.
Со цел да се заштитат податоците, американската влада, Европската комисија и британската влада веќе го забранија TikTok на службените уреди на нивните вработени во 2023 година.
Забрана за тинејџери во Австралија
Но, забраните не го спречија растот на TikTok. Со повеќе од милијарда активни корисници ширум светот, платформата е феномен за младите луѓе кои ги привлекува постојаното гледање кратки видеа.
Речиси една третина од корисниците на TikTok се на возраст меѓу десет и 19 години, според агенцијата Wallaroo.
Но, тој успех доведе до обвинувања дека платформата поттикнува ширење на дезинформации и нелегални, насилни или порнографски содржини, особено меѓу младите луѓе.
Во ноември, Австралија ја забрани употребата на социјалните медиуми, вклучително и TikTok, за лица под 16 години. Социјалните мрежи кои не го почитуваат новиот закон може да бидат казнети со парична казна до 50 милиони австралиски долари (30 милиони евра).
TikTok соопшти дека е „разочаран“ од австралискиот закон, тврдејќи дека тој може да ги турне младите луѓе во „помрачните агли на интернетот“.
Нетранспарентен алгоритам
TikTok предничи пред останатите конкуренти благодарение на уредувачките карактеристики и моќниот алгоритам, привлекувајќи армија креатори и инфлуенсири и создавајќи многу свои.
Но, неговиот алгоритам се смета за нетранспарентен и често е обвинет дека ги наведува корисниците во изолирани групи на дигитална содржина. Вработените во TikTok и ByteDance, исто така, рачно го зголемуваат бројот на прегледи на одредена содржина, според извештајот на магазинот Forbеs. Од TikTok велат дека мануелната промоција се однесува само на мал дел од препорачаните видеа.
Во август, под притисок на регулаторите на ЕУ, компанијата мораше да ја отстрани функцијата во TikTok Lite spinoff во Франција и Шпанија што ги наградуваше корисниците за времето минато пред екранот. Корисниците на возраст над 18 години би можеле со „лајкнувања“ и со гледање видеа да заработат поени што би можеле да се заменат за стоки како што се ваучери или картички за подарок.
ЕУ обвини дека тоа може да предизвика голема зависност.
Дезинформации
Апликацијата е редовно обвинувана дека ги става во ризик корисниците преку ширење опасни „предизвици“. Наводно, неколку деца умреле обидувајќи се да го изведат предизвикот за губење на свеста, кој се состои од задржување на здивот додека не се онесвестите.
Речиси една петтина од видеата на теми како што е руската инвазија во Украина се покажале како лажни или погрешни, според истражувањето на организацијата за борба против дезинформации NewsGuard.
TikTok им плаќа на десетици организации за проверка на факти во неколку земји во Азија и Океанија, Европа, Блискиот исток и на шпанското говорно подрачје во Латинска Америка за да ја потврдат точноста на содржината и потоа да ги отстранат информациите коишто не се точни.
Слични новости
Германија пред вонредни парламентарни избори
Одлуката на Шолц да организира гласање кое очекуваше дека ќе го загуби за да ја распушти сопствената влада, германскиот таблоид Билд го опиша како потег на „камиказа“, но тоа е единствениот начин на кој германската влада може да го распушти парламентот и да предизвика предвремени избори.
Што пропуштивме во Сирија
Се случува она што Фуко го карактеризираше како „пацифизирачка нормализирачка форма на западната моќ“, односно крај на идеологијата. Имаме само раштркани поединци од кои секој е фокусиран на својата грижа за себе.
Тејлор Свифт се искачи на врвот на светот. Што понатаму?
Тејлор Свифт собори рекорди, влезе во историјата и буквално предизвика земјотрес со својата двегодишна турнеја вредна две милијарди долари. Што друго можеше да направи најголемата ѕвезда на светот после тоа?