Бразилскиот репрезентативец и напаѓач на Реал Мадрид, Винисиус Жуниор е добитник на наградата „The Best“ на светската фудбалска асоцијација за најдобар светски фудбалер оваа година, додека за најдобра фудбалерка втора година по ред е прогласена фудбалерката на Барселона и шпанска репрезентативка Аитана Бонмати.
Во изборот за оваа награда преку официјалниот онлајн портал на ФИФА учествуваа капитените и селекторите на репрезентациите, претставници на медиумите и навивачите, а секој од нив ги рангираше тројцата најдобри.
За разлика од Аитана Бонамати, која доби убедливо најмногу гласови во сите четири гласачки групи, што на крајот ѝ донесе 52 поени, односно 13 повеќе од второпласираната замбиска фудбалерка Барбра Банда, Винисиус Жуниор беше најдобар во изборот на капитените и навивачите, но селекторите и претставниците на медиумите му дадоа повеќе гласови на второпласираниот шпански репрезентативец Родриго, годинашен освојувач на Златната топка.
Кога гласовите беа претворени во поени, наградата „The Best“ заврши во рацете на Бразилецот кој доби 48 поени, пет повеќе од Родриго, додека на третото место заврши англискиот претставник Џуд Белингам со 37 поени.
Покрај најдобриот играч, Реал Мадрид го има и најдобриот тренер, бидејќи Карло Анчелоти ја доби првата награда „The Best“ за најдобар стручњак на годината. Тренерот под чие водство „Кралскиот клуб“ уште еднаш ја освои Лигата на шампионите и му ја врати титулата шпански првак, беше најдобар според гласовите на колегите тренери, претставниците на медиумите и навивачите, но играчите му доделија пет бода повеќе на тренерот на Баер Леверкузен, Чаби Алонсо.
На крајот Анчелоти имаше 26 поени, Алонсо 22, а трет беше Пеп Гвардиола со 10 поени.
Во женска конкуренција триумфираше Британката Ема Хејс, која ја освои титулата англиски шампион водејќи го Челзи, а потоа со селекцијата на САД го освои златото на олимпискиот турнир во Париз. За 48-годишната Хејс ова е втора награда „The Best“, бидејќи беше прогласена за најдобра и во 2021 година.
По вторпат наградата „The Best“ ја освои аргентинскиот голман Емилијано Мартинез, кој со репрезентацијата го освои јужноамериканскиот шампионат каде беше прогласен за најдобар голман на турнирот. Мартинез ја освои наградата „The Best“ и во 2022 година, кога со Аргентина го освои светскиот шампионат.
Најдобриот голман беше избран од стручно жири, а во женска конкуренција наградата „The Best“ ѝ припадна на американската претставничка Алиса Наехер.
Аргентинскиот репрезентативец и напаѓач на Манчестер Јунајтед, Алехандро Гарначо ја доби наградата „Пушкаш“ за најдобар гол на годината, а го постигна со „ножички“ на натпреварот од англиската Премиер лига против Евертон.
Во женска фудбалска конкуренција првпат беше доделена наградата „Марта“ која го носи името на легендарната бразилска репрезентативка а ја освои – Марта. Жирито и навивачите го прогласија за најубав голот на 38-годишната бразилска фудбалерка постигнат на натпреварот против Јамајкана.
Наградите беа доделени на гала вечера што се одржа во вторникот во Доха.
Слични новости
Евролига: Домашни порази на Партизан и Париз
Кошаркарите на Партизан во еден од најнеизвесните дуели на вечерта беа поразени на домашен паркет од екипата на Асвел со резултат 79:82 во 16. коло од Евролигата
Летонскиот кошаркар Тима се самоуби
Латвискиот кошаркар Јанис Тима се самоубил во вторникот во хотел во центарот на Москва, објави Евролигата
Роналдо сака да стане претседател на Бразилската фудбалска асоцијација
Поранешната бразилска ѕвезда Роналдо сака да го замени Едналдо Родригеш на функцијата претседател на Бразилската фудбалска асоцијациј