Кинескиот производител на батерии CATL објави двоцифрен раст на приходите и добивката во третиот квартал, со планови за проширување на операциите во Европа.
Приходите на CATL се зголемија за 12,9 отсто на годишно ниво во периодот јули-септември на 104,2 милијарди јуани (12,59 милијарди евра). Во претходните три месеца, беа за 8,3 отсто повисоки од минатата година.
Нето добивката скокна за 41,2 отсто во третиот квартал на 18,5 милијарди јуани (2,24 милијарди евра). Во претходните три месеца, беа за 33,7 отсто повисоки на годишно ниво.
Според SNE Research, CATL останува водечки светски производител на батерии за електрични возила, но неговиот глобален пазарен удел малку се намали во првите осум месеци од оваа година, од 37,7 на 36,8 отсто. Неговиот домашен конкурент BYD, кој произведува батерии покрај електрични автомобили, го зголеми својот удел од 16,2 на 18 отсто.
CATL меѓу своите клиенти ги брои производителите на автомобили како што се „Tesla“, „Volkswagen“ и „Xiaomi“ и брзо го проширува производството во странство. Нова фабрика во Унгарија треба да започне со работа на почетокот на следната година, а се разгледува и фабрика во Шпанија.
Во средината на месецот, компанијата објави и планови за удвојување на капацитетот за тестирање на батерии во Арнштат, во Германија, кој треба да биде меѓу најголемите во Европа до почетокот на следната година.
Проширениот објект ќе има повеќе од 300 тест станици за проценка на перформансите и безбедноста на батериите, вклучително и тестирање на брзините на полнење во различни услови, како што се високи и ниски температури.
Со проширувањето на тест центарот во Арнштат, CATL презема клучен чекор за да ја задоволи растечката побарувачка за напредни решенија за батерии во Европа, изјави Мет Шен, раководител на германските операции на CATL.
Проширувањето во Европа би можело да биде попречено од новите кинески контроли врз извозот на делови за литиумски батерии и обврската за добивање дозволи за пратки, кои ќе стапат на сила на почетокот на ноември.
Слични новости
Во претплазливо тргување Волстрит ја започна седмицата со пад
Берзанските индекси паднаа на Волстрит во понеделникот, бидејќи инвеститорите беа претпазливи по силниот раст на цените на акциите последните седмици, пред состанокот на челниците на американската централна банка
Европските акции го завршија тргувањето во минус
Акциите на европските берзи го завршија тргувањето во благ минус, додека инвеститорите ширум светот ја очекуваат одлуката на американските Федерални резерви за монетарната политика в среда.
Цените на нафтата паднаа под 63 долари
Цените на нафтата паднаа под 63 долари во понеделникот на меѓународните пазари, сигнализирајќи дека стравовите на инвеститорите од прекини во снабдувањето се намалија


