Трката по гледачи и кликови, како и силната демократизацијата на медиумите по појавата на интернетот и популарните социјални мрежи, со себе донесе и плитко, сензационалистичко новинарство и купишта „ѓубре“ кое во времињата на традиционалните медиуми и правилата што е „њусворти“ и како се пишуваат вести и стории, ќе ги немаше дури ни во најжолтите таблоиди. Но, нема сомнение дека работите отидоа предалеку и во „граѓанското новинарство“ секој гледач и читател да стане новинар и снимател и во блоговите на разни „инфлуенсери“ и во лажните и сензационалистички вести чија единствена цел е да привлечат некокј клик повеќе, без да се води сметка за последиците на такви плитки, непрофесионални и непроверени, а често пати и сосема лажни вести.Еден од последните примери дека трацидиционалните медиуми се обидуваат да го вратат достоинството на медиумите и новинарската професија беше начинот на кој Си Ен Ен ја организираше претседателската дебата меѓу Џозеф Бајден и Доналд Трамп.
Наместо реалити шоу формата и гладијаторски игри во кои публиката ќе навива и дофрлува, а кандидатите ќе си упаѓаат во збор и надвикуваат, Си Ен Ен ја организираше дебатата во студио без публика и ја елиминираше шансата кандидатите да си упаѓаат во збор. Статистичарите пресметаа дека за време на претседателската дебата во 2020 Доналд Трамп дури 73 пати му упадна во збор на Бајден што ја испровоцира неговара реакција „па човеку ќе ми дозволиш нешто да кажам“. Од технички аспект, кога зборуваше едниот кандидат, микрофонот на другиот се ставаше на mute за да се избегне било каква можност за уфрлување во збор, кавга и надвикување.
Тоа е вистинската улога на медиумите, особено на концесионери кои имаат национална фреквенција, затоа што во трката за гледаност и рејтинзи се заборави на општествената одговорност што ја имаат оние кои поседуваат национални фреквенции.
За временски период од само 16 години, од восхитот што кампањата на фејсбук и другите социјални мрежи се сметаше дека му ја донесоа победата на Барак Обама на претседателските избори во 2008 и глорификацијата на интернетот и новите медиуми, сега се е сведено на тоа да се намали „штетното влијание“ пропагандата и лажните вести на новите технолошки чуда што ги донесе интернетот.На тик-ток, ју тјуб, инстаграм, фејсбук и натаму има пропаганда, ботови, лажни фотографии (особено беа активни продесничарски новинари кои ширеа лажни фотографии на Трамп опкружен со насмеани Афроамериканци), но се поголема важност и внимание повторно им се дава на традиционалните медиуми, пред се телевизиите, но дури и печатените весници, кои беа прогласени за речиси изумрен медиумски вид.
Особено важно е што за прв пат во историјата на американските избори телевизиските соочувања на претседателските кандидати не беа резервирани за последните 3-4 недели од кампањата, туку за прв пат, телевизиската дебата почна уште во јуни, за да има време за вистински импакт врз гледачите.
Многумина аналитичари сметаа дека сите знаат буквално се за актуелниот претседател Џо Бајден кој е повеќе од 50 години активен во политичкиот живот на САД и особено за Доналд Трамп кој постојано е во фокусот на медиумите, но постоеја и елементи на кои им се даваше особено значење. Демократите брзаа да го соочат Бајден со Трамп од две причини: За да докажат дека е сеуште виспрен и во деветата деценија од животот и дека неговата возраст за која многу избирачи имаа резерви нема да биде проблем во евентуалниот втор претседателски мандат и особено да нагласат контраст на смирен, сериозен и зрел политичар, наспроти помпезноста и шоуто што го предизвикува Трамп во неговите јавни настапи.
Според мислењето на самите Демократи, го постигнаа сосема спротивниот ефект. Исходот на дебатата е познат, најцитираната реченица од дебатата беше репликата на Трамп – „не го разбрав ништо што сакаше да каже, а веројатно, не знае што кажа ниту самиот тој“. Проблемот, како што коментираат американските медиумски експерти, не е во репликата на Трамп, туку во фактот што таа реченица ја кажуваа многу Демократи меѓу себе следејќи ја дебатата, пред тоа да го каже самиот Трамп.
И веднаш се удри по новинарите. Од таборот на Демократите дојдоа обвинувања врз модераторите на дебатата Џејк Тапер и Дана Баш од Си Ен Ен дека му дозволиле на Трамп да изнесува големи лаги и дека во реално време не вршеа fact checking на она што го говореше Трамп, односно не ги соголуваа неговите лаги.
Но, вистината е дека тоа не е нивна работа. Секако дека тоа е работа на противкандидатот. Тие завршија првокласна работа, а модераторите треба да бидат објективни и непристрасни, независно дали тоа што го говори кандидатот им се допаѓа или не. Станува збор за дебата, а не за интервју, во кое секако должност на новинарот би била да интервенира доколку соговорникот изнесува лаги.
Целата вистина е дека времињата не може да се вратат назад. Оној момент кога легенадрниот презентер на вести Волтер Кронкајт ја нападна војната на САД во Виетнам во 1968, тогашниот претседател Линдон Џонсон ја изговори реченицата „штом го загубив Волтер Кронкајт, ја загубив Америка на средната класа“. Сега веќе не е така. Далеку највлијателниот и најпрестижен дневен весник во Америка Њујорк тајмс по дебатата излезе со едиторијал дека Џо Бајден треба да се повлече од претседателката трка, а Демократите во август да одржат конвенција на која би избрале соодветен кандидат кој ќе може да му се спортивстави на Доналд Трамп. И покрај целата тежина на Њујорк Тајмс и на повиците на многу влијателни колумнисти, од кои некои и нобеловци, Џо Бајден не се повлече од трката и продолжи со кампањата.
Времињата се сменети. Ниту Њујорк Тајмс ја има моќта што некогаш ја имаше, ниту некогаш влијателните колумнисти. Дека се сменети времињата покажува и самата кандидатура на Доналд Трамп. Зарем беше можно некогаш да настапи кандидат во кампања без да го помине „ветингот“ на сериозните донатори и луѓе со огромна моќ и влијание во заднина на републиканската партија. Доколку навистина тежеше мислењето на сериозните колумнисти и Њујорк Тајмс, ќе беше ли можно да се кандидира човек кој одби мирно примопредавање на власта во Америка преку разни лажни теории на заговор дека изборите биле лажирани?! Уште повеќе што станува збор за човек кој има против себе купишта судски предмети и во меѓувреме стана осуден криминалец. Мислењето на меинстрим медиумите одамна го нема некогашното влијание, а особено не за оние што веруваат во МАГА движењето и кои настаните и фактите ги следат низ сосема искривоколчениот и пристрасен визир на Фокс Њуз и две уште порадикални десничарски телевизиски мрежи.
Но, форматот на дебатата дава надеж дека новинарството и медиумите ќе се вратат на својата суштина и квалитет, а нема да бидат само риалити шоу.
Слични новости
Победата на Трамп и кризата на традиционалните медиуми
Кампањата на Трамп не беше фокусирана дури ни кај традиционалните медиуми кои го поддржуваат како медиумите на Руперт Мардок. Очигледно е дека Трамп и неговите советници за кампања и медиуми подобро и повеќе знаеја која е Америка, што гледа и што слуша, откако нивната стратегија доби јасна верификација со изборниот резултат.
Македонија заостанува цел век во однос на интернет регулацијата
За цел свет, лажните вести и тешкотиите со регулацијата на цоцијалните медиуми и интернет просторот е главна тема. Македонија нема таков проблем. Си се однесува како да не постои интернет.
Силата на новата десница
Можеби најзначајно од се во идеолошка смисла, е паѓањето, или барем поместувањето на таканаречениот „санитарен кордон“ околу есктремната десница.