Европската комисија предлага отворањето на преговарачките кластери и други меѓучекори во пристапните преговори да се одобруваат со квалификувано мнозинство, што би ја намалило можноста една членка сама да го блокира напредувањето на земја кандидат.
Ако биде прифатен, предлогот би можел да и го олесни европскиот пат и на Македонија, која со години се соочува со пречки поврзани со билатерални спорови.
Еврокомесарката за проширување Марта Кос го претстави пакетот „Подготовка за поширока Унија” на прес-конференција во Стразбур, во вторникот, на 6 октомври, по неговото усвојување од Европската комисија.
Пакетот ги опфаќа предложените промени во одлучувањето за пристапните преговори, постепената интеграција на кандидатите и подготовката на институциите, политиките и буџетот на ЕУ за идните проширувања.
За Македонија, најзначајна е можноста одлуките во опфатените фази на преговорите да се носат без согласност од секоја членка поединечно. Тоа би го ограничило просторот за поединечни блокади, но напредувањето и натаму би зависело од исполнувањето на условите и од обезбедувањето на потребното мнозинство.
Предлогот за поинакво гласање не ја отстранува обврската Македонија да ги спроведе договорените уставни измени. Во заклучоците на Советот на ЕУ од јули 2022 година, одржувањето на следната меѓувладина конференција е врзано за исполнувањето на таа обврска, која го опфаќа и внесувањето на Бугарите во Уставот.
Слични новости
И ЛДП побара одговорност од владата за бегството на Ива Михајлова
Од партијата прашуваат каде е премиерот Христијан Мицкоски и зошто нема реакција на, како што наведуваат, сериозните слабости во функционирањето на институциите.
Продолжува судењето за „Пулс“ – одбраната изведува докази
На претходното рочиште, Обвинителството вкрстено го испрашуваше вештакот Петре Русески, кој остана на ставот дека објектот не претрпел реконструкција или пренамена, туку само ентериерно уредување.
Груби излезе од куќен притвор – пречекан со факели во Чаир
Артан Груби, поранешен прв вицепремиер, синоќа беше пречекан со факели и димни бомби во скопски Чаир, откако Кривичниот суд му ја укина мерката куќен притвор.


