Цените на нафтата се искачија над 62 долари во понеделникoт, одразувајќи ги стравувањата од прекини во снабдувањето од нови геополитички тензии и очекуваната зголемена побарувачка од Кина.
На лондонскиот пазар, цената на барелот нафта се зголеми попладнето за 1,38 долари во споредба со затворањето на тргувањето во петокот и изнесуваше 62,02 долари. Цената на барелот на американскиот пазар се зголеми за ист износ, достигнувајќи 58,12 долари.
Цените на лондонскиот пазар во моментов се повеќе од 18 отсто пониски отколку пред една година и речиси 28,5 отсто пониски отколку пред три години. На американскиот пазар денеска, цените се 18,4 отсто пониски отколку минатата година и речиси 27,9 отсто пониски отколку пред три години.
Двете референтни вредности во Лондон и во САД паднаа за повеќе од 2 отсто во петокот, одразувајќи ги очекувањата на трговците за мировен договор меѓу Украина и Русија и прогнозиран вишок на снабдување во наредниот период.
Вниманието на трговците во понеделникот, пак,беше насочено кон нестабилноста на Блискиот исток, кинеските воени вежби околу Тајван и развојот на мировните преговори за војната во Украина. Нивните очекувања беа под влијание и на најавата на Пекинг за посилни фискални трошоци, што треба да ја зголеми побарувачката на нафта.
„Цените на енергенсот пораснаа бидејќи геополитичките случувања поттикнаа пораст на цените на нафтата, а цената на барелот во Лондон се зголеми поради обновените тензии на Блискиот исток и развојот на мировните преговори во Украина“, оцени аналитичарот на IG Аксел Рудолф, додавајќи дека слабата ликвидност може да доведе до поголема нестабилност на цените наредната година.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во понеделникот изјави дека е постигнат значителен напредок во разговорите со американскиот претседател Доналд Трамп, додавајќи дека делегациите на САД и Украина ќе се состанат следната седмица за да финализираат договор за клучните прашања за постигнување мир во Украина.
Средбата со руските претставници ќе биде можна само откако Трамп и европските челници ќе се согласат за предложената рамка на Украина за мировен договор, додаде Зеленски.
„Неодамна имаше немири на Блискиот исток, со саудиските воздушни напади врз Јемен… што би можело да биде голем извор на загриженост за трговците за можни прекини во снабдувањето“, вели Јанг Ан, аналитичар во финансиската компанија „Haitong Futures“.
Најголемиот светски извозник на нафта, Саудиска Арабија, веројатно ќе ги намали цените за терминските договори за барелите за февруари за азиските купувачи, трет месец по ред, во согласност со падот на физичкиот пазар предизвикан од изобилството на залихи, покажа анкетата на Reuters.
Инвеститорите чекаат објавување на податоците за американските залихи за седмицата што заврши на 19-ти декември. Извештајот, кој треба да биде објавен во среда, беше одложен минатата седмица поради божикните празници.
Засебните пресметки на Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) покажуваат дека барелот од референтната кошничка нафта на нејзините членки во петокот бил за 14 центи поевтин од претходниот ден, на 62 долари.
Слични новости
Пад на цената на златото
Племенитите метали сеуште држат висока цена првенствено поради одржливата побарувачка за сигурни финансиски засолништа, кои се поттикнати од незивеноста што ја предизвика актуелната војна во Иран, пренесува Трејдинг економикс.
Годишната стапка на инфлација во Бугарија во февруари намали на 3,3 насто
Годишната стапка на инфлација во Бугарија падна на 3,3 насто во февруари, во однос на 3,5 насто колку што изнесуваше во јануари. Ова е најниско ниво на инфлација во Бугарија од декември 2024 и одговара на прелиминарните проценки, пренесе Трејдинг економикс.
Европските акции во плус и покрај расто на цената на нафтата која е повисока од 100 долари за барел
Европските берзански индекси се во пораст и покрај високата цена на нафтата Брент која изнесува 102 долари за барел, додека берзите ја чекаат одлуката на Федералните резерви на САД за каматните стапки.


