Тендер во Пошта БС Клининг повторно се најде во центарот на политичка расправа, откако СДСМ објави дека до нив стигнало писмо од вработен во АД „Пошта на Северна Македонија“, кој тврди дека преку договорот за хигиена се „пумпаат“ околу 25.000 евра месечно, односно 300.000 евра годишно.
Според наводите што ги наведуваат од СДСМ, во тендерската спецификација стои дека во 14 поштенски подружници треба да има по двајца хигиеничари, а во „Пошта 2“ – десет. „Реалната состојба“, како што е опишана во писмото, била поинаква: само во 4–5 подружници имало по двајца, во останатите – по еден, а во „Пошта 2“ – 6–7, со што „постојано недостасуваат“ околу 14 хигиеничари.
Во писмото, според истиот извор, се тврди дека „месечниот трошок за еден хигиеничар е над 40.000 денари“, а со пресметка на недостигот од 14 лица, дополнително и со тврдење дека постојните 25–26 хигиеничари работат околу „50% од времето“, се доаѓа до сума што се заокружува на речиси 25.000 евра месечно. Како механизам за прикривање, се наведуваат „лажни дневници“ за отсутни хигиеничари и „лажни извештаи“ за генерални чистења што наводно не се реализирале. СДСМ побара Јавното обвинителство да отвори истрага „по допрен глас“.
Овој случај се надоврзува на претходните обвинувања на СДСМ за истиот договор, кој во јавноста се врзува со фирмата „БС клининг увоз-извоз ДООЕЛ Скопје“ каде договорот е во вредност од 73.160.000 денари (1.189.593 евра).
Од АД „Пошта на Северна Македонија“ јавно возвратија дека обвинувањата на СДСМ се „неточни, тенденциозни и политички мотивирани“, дека постапката е спроведена согласно Законот за јавни набавки и дека одржувањето на хигиената со години се реализира преку надворешни оператори. Поштата најави и можни правни мерки доколку продолжат, како што велат, „ширење на невистини“.
Слични новости
Протест на ССМ за зголемување на минималната плата на 600 евра
Сојузот на синдикатите на Македонија денеска во Скопје ќе одржи работнички протест со барање за зголемување на минималната плата на 600 евра и линеарно покачување на сите останати плати за најмалку 6.000 денари.
Макпетрол: Намалувањето на цената од страна на ОКТА не е доволно
Од нафтената компанија „Макпетрол“ сметаат дека намалувањето на цените од 2,5 денари (со ДДВ) за литар на нафтените деривати од страна на ОКТА не е доволно и не го решава проблемот кој го налага моменталната ситуација.
ВМРО-ДПМНЕ обвини дека протестот на ССМ го координира опозициската СДСМ
Од СДСМ и ССМ веќе не се ни кријат за соработката која ја имаат со една единствена цел, а таае да ѝ наштетат на владата – порече Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.


