Цените на нафтата се искачија на 60 долари на меѓународните пазари во средата, што ја одразува нервозата на трговците кои се обидуваат да ги проценат можните последици од американската блокада на санкционираните танкери што се упатуваат кон Венецуела.
На лондонскиот пазар, со барелот се тргуваше попладнето за 83 центи по повисока цена од вчерашната на затворањето на тргувањето, од 59,75 долари. На американскиот пазар, пак, барелот беше поскап за 76 центи од вчера и чинеше 56,03 долари.
Одделни пресметки на Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) покажуваат дека цената на барелот од референтната кошничка нафта на нејзините членки падна под 60 долари во вторникот, првпат од есента 2020 година, на 59,54 долари. На самиот почеток од седмицата, изнесуваше 60,80 долари.
Трговците беа загрижени во вторникот поради знаците за забавување на потрошувачката во Кина и проценките за подобрени перспективи за мировен договор во Украина, што би можел да го отвори патот за укинување на санкциите за руската нафта.
Малопродажбата во Кина порасна за само 1,3 отсто на годишно ниво во ноември, околу половина од онаа во октомври, покажаа податоците од статистичкиот завод. Кина е најголемиот увозник на нафта во светот, а слабеењето на потрошувачката би можело да сигнализира послаба побарувачка за енергенсот.
Расположението на пазарот беше обележано со нервоза во средата поради зголемените тензии на Карибите. Американскиот претседател Доналд Трамп нареди „целосна блокада“ на сите санкционирани танкери што се упатуваат кон Венецуела и оние што пловат од венецуелските пристаништа. Пред една седмица, Вашингтон нареди запленување на супертанкерот „Skipper“ во венецуелските територијални води.
Независните кинески рафинерии се главен купувач на венецуелска нафта, но нивниот удел во вкупниот увоз на нафта во Кина е само 4 отсто.
Уделот на Венецуела во глобалното производство е само 1 отстот, а само САД, Куба и независните кинески рафинерии ја купуваат, според Мују Ксју од фирмата за следење на пловидбата на бродови „Kpler“.
Во моментов не е јасно колку санкционирани танкери ќе бидат блокирани или како САД планираат да ја спроведат блокадата. Бројни танкери што се вкотвуваат во венецуелските пристаништа се санкционирани, но американски „Chevron“ транспортира нафта и тоа од Венецуела во САД, со дозвола од Вашингтон.
Слични новости
Германската потрошувачка на енергија стагнира годинава
Потрошувачката на енергија во Германија ќе остане на минатогодишното ниво во 2025 година, со намалена побарувачка во хемиската индустрија и зголемено греење поради пониските температури, проценува група производители и специјализирани институти (AGEB)
Раст на европските берзи, азиските закрепнуваат по дводневниот пад
На европските берзи, цените на акциите пораснаа во средата во претпладневното, надоместувајќи ги вчерашните загуби, но тргувањето е претпазливо, исто како и на Волстрит претходниот ден
Доларот зајакна, цените на нафтата пораснаа
На валутните пазари, вредноста на американскиот долар во однос на кошничка валути се зголеми по двата дена пад во претпладневното тргување во средата


