Цените на нафтата паднаа на 59 долари на меѓународните пазари во вторникот, поради знаците за забавување на потрошувачката во Кина и проценките за подобрени изгледи за постигнува мировен договор во Украина, што би можело да го отвори патот за укинување на санкциите врз руската нафта.
На лондонскиот пазар, барелот се тргуваше попладнето по пониска цена од 1,35 долари отколку на затворањето на тргувањето вчера, на 59,21 долари. На американскиот пазар, беше поевтин за 1,26 долари и чинеше 55,56 долари.
Трговците беа загрижени во вторникот поради знаците за забавување на потрошувачката во Кина. Малопродажбата во Кина порасна за само 1,3 отсто на годишно ниво во ноември, околу половина од онаа во октомври, покажаа податоците од статистичкиот завод. Кина е најголем увозник на нафта во светот, а намалувањето на потрошувачката на граѓаните би можело да сигнализира и послаба побарувачка за енергија.
Во исто време, трговците проценуваат дека се подобрени шансите за мировен договор во Украина што би можеле да го отворат патот за ублажување на санкциите врз руската нафта, што би значело уште поголема понуда. Американскиот претседател Доналд Трамп посочи дека договорот „никогаш не бил толку блиску“.
Русија продолжува да извезува нафта по море, и покрај американските санкции врз „Росњефт“ и „Лукоил“, но барелите сè уште тешко наоѓаат купувачи, забележуваат аналитичарите на ING, повикувајќи се на проценките дека Индија треба да увезе за половина помалку руска нафта во декември отколку во ноември.
Во такви услови, руската нафта се складира на море, додаваат Ворен Патерсон и Ева Мантеј од ING.
Меѓународната агенција за енергија (IEA) проценува дека следната година понудата би можела да ја надмине побарувачката за речиси четири милиони барели дневно, првенствено благодарение на зголеменото производство од група независни производители предводени од САД.
Според Министерството за енергетика на САД, се очекува производството во САД да достигне 13,6 милиони барели дневно оваа година и да падне на 13,5 милиони барели дневно следната година.
Се очекува производството на членките на Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) и нејзините партнери да биде послабо оваа и следната година, првенствено поради нарушувањата предизвикани од санкциите, проценува IEA.
Одделните пресметки на OPEC покажуваат дека барелот од референтната кошничка нафта на нејзините членки во понеделникот бил за 59 центи поевтин, на 61,28 долари.
Слични новости
Британија го иззема од санкциите против „Росњефт“ гасното поле во Египет
Велика Британија го иззема гасното поле Зохр во Египет од санкциите против рускиот енергетски гигант „Росњефт“, објави Министерството за финансии
Европските индекси во благ пораст пред одлуките за каматите
Европските берзански индекси денеска се во благ пораст пред одлуката на Европската централна банка за каматните стапки, за која аналитичарите предвидуваат дека ќе остане на истото ниво.
Доларот стагнира, цените на нафтата растат
На валутните пазари, вредноста на американскиот долар во однос на кошничката валути стагнира во раното претпладневно тргување во четвртокот


