Европската комисија на Урсула фон дер Лајен во петокот ги отфрли критиките на сметка на Европската унија во новиот американски документ во кој се опишува стратегијата за националната безбедност, а истовремено започнаа првите реакции меѓу европските политичари.

Во стратегијата објавена во четвртокот, Вашингтон ја критикува ЕУ и ги повторува тврдењата на крајната десница дека континентот е загрозен од „цивилизациска ерозија“ поради имиграцијата. Документот предвидува дека во рок од неколку децении членките на НАТО ќе станат „претежно неевропски“ и ја критикува „цензурата на слободата на говорот и угнетувањето на политичката опозиција“ во земјите членки на Евроспката унија.

Портпаролката на Комисијата, Паула Пињо, во петокот негираше дека ЕУ ги поткопува политичките слободи и суверенитетот, му штети на континентот со своите миграциски политики и ја загрозува слободата на изразување. Португалката одби да коментира натаму за американскиот документ, велејќи дека „немало доволно време целосно да се процени“.

Германскиот министер за надворешни работи, Јохан Вадефул, во првата реакција на американскиот документ рече дека „на Европа не ѝ е потребен совет однадвор“.

„Сметаме дека сме способни да разговараме за овие прашања целосно независно во иднина и не ни е потребен совет однадвор“, рече Вадефул додавајќи дека дополнително ќе ја проучи стратегијата на САД.

Валери Aје, француската претседателка на либералите во Европскиот парламент, исто така реагираше на документот, нарекувајќи го „неприфатлив и опасен“, објави AFP.

„Администрацијата на Трамп нема право да се меша во нашата внатрешна политика“, напиша таа на платформата X. Aје верува дека сегашната американска администрација е „непријател на Европа“ и дека ЕУ треба да престане да се однесува кон неа како кон „пријател“.

Нејзината партиска колешка Натали Лоазо, потпретседателка на парламентарниот комитет за надворешни работи, ја повика Европа „да не прифаќа да ѝ се држат лекции“.

„Нема друг одговор освен создавање услови за вистинска стратешка автономија и градење силна Европа што нема да дозволи никому да ги диктира одлуките на нејзиното општество“, изјави Лоазо за француската новинска агенција.

Во документот на Вашингтон се посочува дека „големите проблеми со кои се соочува Европа“ вклучуваат „активности на ЕУ и други транснационални тела што ги поткопуваат политичките слободи и суверенитет“, „политики за мигранти што го трансформираат континентот“ и „цензура на слободата на говорот и угнетување на политичката опозиција“, како и „ниски стапки на наталитет и губење на националните идентитети и самодовербата“.

Во американската стратегија, исто така, се тврди дека огромното мнозинство Европејци сакаат мир, но дека оваа желба не се одразува во политиката бидејќи националните влади ги поткопуваат демократските процеси, пишува германската новинска агенција dpa.

Трамп го опиша документот од 33 страници во кој се наведува стратегијата за национална безбедност на Америка како „план“ што гарантира дека САД ќе останат „најголемата и најуспешната нација во човечката историја“.

globe

Слични новости

Замир постави нова граница со Појасот Газа

Замир постави нова граница со Појасот Газа

Началникот на Генералштабот на израелската армија, Ејал Замир, изјави дека линијата до која се повлекоа израелските сили сега е новата граница меѓу Израел и палестинските територии

Индонезија се справува со последиците од поплавите во кои загинаа над 900 луѓе

Индонезија се справува со последиците од поплавите во кои загинаа над 900 луѓе

Индонезија се справува со последиците од масовните лизгања на земјиштето и ненадејните поплави предизвикани од циклонот на островот Суматра минатата седмица, при што бројот на жртвите во неделата надмина 900 луѓе