Реге ѕвездата Џими Клиф почина на 81 година, објави неговото семејствп. Музичарот најпознат по песната „The Harder They Come“ напишана за истоимениот и влијателен филм почина од мозочен удар, изјави неговата сопруга Латифа, пренесе агенцијата dpa.
На неговата страница на Instagram во понеделникот е објавено: „Со длабока тага објавувам дека мојот сопруг Џими Клиф почина од мозочен удар проследен со пневмонија.“
„Благодарна сум на неговото семејство, пријатели, колеги уметници и соработници кои го споделија неговото патување со него… До сите негови обожаватели низ целиот свет: ве молам знајте дека вашата поддршка му беше сила во текот на целата негова кариера… Тој навистина го ценеше секој обожавател и нивната љубов“, пишива вдовицата на Клиф.
Во објавата се додава: „Џими, драги, почивај во мир. Ќе ги послушам твоите желби. Се надевам дека сите ја почитуваат нашата приватност во ова тешко време“. Објавата ја потпишаа неговата сопругата и нивните две деца, Лилти и Акен.
Пејачот, кој придонесе за популарноста на реге музиката ширум светот и накратко се натпреваруваше со Боб Марли за позицијата најистакнат претставник на жанрот, е роден во округот Сомертон, во покраината Сент Џејмс на Јамајка, во 1944 година.
Почнал да пишува музика во времето кога Јамајка ја добиваше својата независност од Велика Британија и кога се развиваше раниот реге звук.
Пејачот, познат по песни како „I Can See Clearly Now“ и „You Can Get It If You Really Want“, освои две Греми награди и беше примен во Рокенрол куќата на славните во 2010 година.
Една од неговите други познати песни беше „Vietnam“ од 1969 година, која Боб Дилан наводно ја опишал како „најдобрата протестна песна“ што некогаш ја слушнал.
Клиф се стекна со уште поголема слава со улогата во криминалистичкиот филм од 1972 година „The Harder They Come“, во кој го играше јамајканскиот реге пејач Ајванхо Мартин, кој сонува за статус на ѕвезда, но не успева да се пробие.
За британски The Guardian во 2022 година Клиф изјави: „Тогаш нѐ имаше малкумина африкански потомци кои успеаја да се пробијат и да добијат какво и да е признание“.
„Беше полесно во музиката отколку во филмовите. Но, кога ќе почнете да го гледате вашето лице и име на автобусите во Лондон, си мислите: ‘Леле, што се случува?’. Реге музиката сè уште се сметаше за новина. Откако музиката доби шанса да биде забележана, едноставно ги изненади луѓето. А потоа (филмот) им покажа на луѓето од каде таа музика доаѓа“.
Музиката за филмот содржеше неколку негови песни, вклучувајќи ја и „Many Rivers To Cross“, која ја преработија UB40, Шер и Ени Ленокс.
Кемпбел од британскиот бенд UB40 изјави на платформата на социјалните медиуми X дека е „апсолутно скршен од срце кога слушна за смртта на прататкото на регето“. Исто така, го нарече Клиф „столб на нашата музика и еден од првите што го донесоа регето во светот“.
Клиф пишуваше за различни теми, вклучувајќи ја и пандемијата на коронавирусот во неговата песна од 2021 година „Human Touch“, но токму неговите песни за расизмот, отпорот на црнците и радоста го направија глас на народот.
Последниот студиски албум на Клиф, „Refugees“, беше издаден во 2022 година, а пејачот тогаш рече дека ја напишал истоимената песна „од длабоки чувства за слободата што им се одзема на човечките суштества“.
Слични новости
Претседателот Доналд Трамп ќе биде во улога на шоумен и домаќин на церемонијата на доделување на почесните награди во Кенеди центарот
Сум ги гледал досегашните водители. Ако не можам да го надминам Џими Кимел во талентот, тогаш и не заслужувам да бидам претседател, изјави Трамп.
Зоотопиа 2 се приближува до заработка од една милијарда долари
Анимацискиот феномен на студиото Волт Дизни „Зоотопиа 2“ надвор од САД стана најсупешниот филм оваа година со заработка од дури 695,3 милиони долари за две недели прикажување.
Хоророт „Петте ноќи кај Фреди“ прв на американскиот Бокс Офис
Секвелот на Блумхаус хорор филмот „Петте ноќи кај Фреди“ викендов заработи 63 милиони долари на кино благајните во САД, што е најдобро отварање на филм во викенд по празничниот продолжен викенд за Денот на благодарноста.


