Извршниот одбор на Европската ракометна федерација (ЕХФ) одлучи да воведе ново натпреварување на национални тимови под наслов „Европските ракометни игри“ од 2030 година.

Од 2030 година осумте најдобри машки и женски репрезентации на Стариот континент треба да се натпреваруваат на Европските ракометни игри, од кои победниците би обезбедиле место на Олимписките игри, објави ЕХФ.

Игрите би се одржувале на секои четири години во септември. Европското првенство во ракомет, и во машка и во женска конкуренција, ќе остане непроменето и ќе продолжи да се одржува на секои две години. Актуелниот европски шампион на последното континентално натпреварување пред Олимписките игри отсекогаш се квалификувал за Олимписките игри, но засега не е познато дали тоа ќе остане така и во иднина.

„Олимписките игри во Лос Анџелес во 2028 година, како и Олимписките игри во Бризбејн во 2032 година, ќе се одржат надвор од Европа. Со воведувањето на ‘Европските ракометни игри’, ЕХФ гарантира дека ракометот на олимписко ниво ќе се игра и во Европа во овој циклус, а европското место на Олимписките игри е крајната награда. Исто како и со клупските натпреварувања, сакаме да го направиме следниот чекор за националните тимови“, изјави претседателот на ЕХФ, Михаел Видерер.

„Ќе координираме сè со заинтересираните страни, а процесот во овој поглед веќе е започнат, почнувајќи со состаноците што се одржаа во понеделник и вторник оваа седмица во Виена“, додаде Видерер.

Деталите за новото натпреварување ќе бидат разработени во декември на состанокот на Извршниот одбор на ЕХФ.

globe

Слични новости

Нов кикс на Реал во Ла Лига

Нов кикс на Реал во Ла Лига

Фудбалерите на Селта Виго ја постигнаа својата прва победа на мадридскиот фудбалски храм „Сантијаго Бернабеу“ по речиси 20 години откако го победија Реал со 2:0