Светот имаше 122,1 милиони луѓе присилно раселени поради војна или други форми на насилство на крајот на април, објави во четврток Високиот комесаријат на Обединетите нации за бегалци (УНХЦР).

По соборувањето на сирискиот претседател Башар ал-Асад и враќањето голем број Сиријци во своите домови, вкупниот број на присилно раселени лица низ целиот свет е малку намален од рекордот поставен во 2024 година, објави ОН.

На крајот на 2024 година, рекордни 123,2 милиони луѓе низ целиот свет беа принудени да ги напуштат своите домови поради војна, насилство или прогон.

Но, до крајот на април, тој број падна на 122,1 милиони, според годишниот извештај на УНХЦР, бидејќи речиси два милиона Сиријци успеаја да се вратат во своите домови.

Сепак, продолжувањето на овој тренд во голема мера ќе зависи од исходот на големите конфликти и кризи со кои се соочува светот во моментов, кои принудија многу луѓе да ги напуштат своите домови.

„Живееме во време на голема нестабилност во меѓународните односи, во кое модерното војување создава кревка и тешка средина карактеризирана со постојано човечко страдање“, рече високиот комесар на ОН за бегалци, Филипо Гранди.

„Мора да ги удвоиме нашите напори за постигнување мир и наоѓање трајни решенија за бегалците и сите други кои биле принудени да ги напуштат своите домови“, особено бидејќи финансирањето пресушува, а не само поради ненадејното повлекување на хуманитарната помош од страна на САД.

Главните виновници за присилното раселување остануваат големите глобални конфликти: Судан, Мјанмар, Украина.

По 13 години граѓанска војна во Сирија и падот на Башар ал-Асад во декември 2024 година, растечки број Сиријци постепено почнаа да се враќаат дома во првите месеци од оваа година. Се проценува дека повеќе од 500.000 се вратиле дома од странство од средината на мај, додека приближно 1,2 милиони внатрешно раселени лица се вратиле во своите домови од крајот на ноември.

Според агенцијата на ОН, до крајот на 2025 година, 1,5 милиони Сиријци би можеле да се вратат дома од странство, а уште 2 милиони внатрешно раселени лица би можеле да се вратат дома.

Судан, каде што беснее граѓанска војна од средината на април 2023 година, а хуманитарната и кризата со храна принудија милиони луѓе да ги напуштат своите домови, сега е земјата со најголем број насилно раселени лица – дури 14,3 милиони.

И покрај враќањето на Сиријците, 13,5 милиони луѓе се’ уште се бегалци во странство или раселени во земјата, по што следат Авганистан (10,3 милиони) и Украина (8,8 милиони). Мирот или барем прекинот на огнот, особено во Демократска Република Конго, Судан и Украина, би можел да направи значителна разлика.

Но, тука е и прашањето за финансирањето, кое мора да биде доволно за да им гарантира на сите „безбедно и достоинствено“ враќање, но ОН, како и многу други хуманитарни организации, се соочува со голема финансиска криза.

САД, убедливо најголемиот донатор, сега често се отсутни од програмите за финансирање, а многу други земји имаат и други приоритети.

На крајот од минатата година, едно од 67 лица во светот беше класифицирано како присилно раселено лице, што е дури 123,2 милиони луѓе.

Ова вклучува 73,5 милиони внатрешно раселени лица, како и 31 милион бегалци под мандат на УНХЦР.

Вкупно 9,8 милиони присилно раселени лица се вратија во своите домови во 2024 година. Меѓу нив имаше 1,6 милиони бегалци, што е најголем број за повеќе од дваесет години.

globe

Слични новости

ЕУ се откажува од увозот на руски фосилни горива и покрај Унгарија и Словачка

ЕУ се откажува од увозот на руски фосилни горива и покрај Унгарија и Словачка

Полското претседателство во понеделникот на состанокот на министрите на земјите-членки задолжени за енергетика го предложи текстот на изјавата во поддршка на планот на Европската комисија презентиран на 6. мај за постепено отстранување на руската нафта, гас и нуклеарна енергија од пазарот на ЕУ

Најмалку 40 убиени во Газа, повеќето близу центар за дистрибуција на храна

Најмалку 40 убиени во Газа, повеќето близу центар за дистрибуција на храна

Најмалку 40 лица се убиени од израелски оган во понеделникот, а повеќето од нив во близина на центар за дистрибуција на помош на американската Хуманитарна фондација Газа (GHF), соопшти Министерството за здравство на крајбрежната палестинска енклава