Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ги обесхрабрува владите ширум светот да учествуваат на конференцијата на Обединетите нации следната седмица во Њујорк, на која ќе се разговара за можно решение со две држави меѓу Израел и Палестинците.

Во дипломатската нота испратена на 10 јуни се вели дека САД ќе ги сметаат земјите што „преземаат чекори против Израел“ со учество на конференцијата за дејствување против политичките интереси на САД и ќе се соочат со последици. Се додава дека Вашингтон ќе се спротивстави на секакви чекори што еднострано би признале хипотетичка палестинска држава.

Пораката, која претходно не беше објавена, е во спротивност со дипломатијата на блиските сојузници на САД, во прв ред Франција и Саудиска Арабија, кои следната седмица ќе бидат домаќини на собир во Њујорк за да ги постават параметрите за стратегија за создавање палестинска држава, а воедно да се обезбеди безбедноста на Израел, што е во согласност со резолуцијата на светската организација од 1948 година кога е основана и признаена Државата Израел.

„Ги повикуваме владите да не учествуваат на конференцијата, која ја сметаме за контрапродуктивна во однос на сегашните, витални напори за завршување на војната и ослободување на заложниците“, се вели во пораката на САД.

Францускиот претседател Емануел Макрон навести дека на конференцијата Франција би можела да признае палестинска држава на територијата под израелска окупација. Француските претставници велат дека работат на избегнување на конфликт со САД, најголемиот сојузник на Израел.

„Соединетите Американски Држави се спротивставуваат на какви и да се чекори што еднострано би признале хипотетичка палестинска држава, што создава значајни правни и политички пречки за евентуално решавање на конфликтот и би можело да го стави Израел под притисок за време на војната, со што би ги поддржале неговите непријатели“, порачува Вашингтон.

Оваа седмциа, Велика Британија и Канада, исто така членки на Г7 и сојузници на САД во НАТО, им се придружија на другите земји во воведувањето санкции врз двајца крајно десничарски израелски министри за да го принудат премиерот Бенјамин Нетанјаху да ја прекине војната во Газа, што исто така остро го критикуваа САД.

„Соединетите Американски Држави се спротивставуваат на имплицитната поддршка на конференцијата за потенцијални дејствија што вклучуваат бојкоти и санкции против Израел, како и други казнени мерки“, се вели во меморандумот.

Израел ја критикуваше конференцијата, велејќи дека таа ги наградува исламистичките милитанти на Хамас за нападот врз Израел на 7 октомври 2023 година и лобираше кај Франција против признавање на палестинска држава.

globe

Слични новости

Најмалку 40 убиени во Газа, повеќето близу центар за дистрибуција на храна

Најмалку 40 убиени во Газа, повеќето близу центар за дистрибуција на храна

Најмалку 40 лица се убиени од израелски оган во понеделникот, а повеќето од нив во близина на центар за дистрибуција на помош на американската Хуманитарна фондација Газа (GHF), соопшти Министерството за здравство на крајбрежната палестинска енклава

Кац: Жителите на Техеран наскоро ќе платат цена за иранските напади врз Израел

Кац: Жителите на Техеран наскоро ќе платат цена за иранските напади врз Израел

Досега во Израел има неколку десетици мртви цивили, а на стотици се ранети како последица на ирнаските бомбардирања со ракети земја-земја и дронови, а синоќа најмалку осум лица загинаа, а 92 се ранети и хоспитализирани. Во Иран, досега од израелските напади загинаа 224 луѓе, а 90 насто од нив се цивили, ја пренесе гардијан изјавата на иранскиот министер за здравство.