Цените на акциите нагло пораснаа на глобалните берзи минатата седмица, бидејќи помирувачките пораки од американскиот претседател Доналд Трамп ги зголемија надежите на инвеститорите за трговски договор меѓу САД и Кина.

На Волстрит, индексот Dow Jones порасна за 2,5 проценти минатата седмица, на 40.113 поени, додека S&P 500 скокна за 4,6 проценти, на 5.525 поени, а индексот Nasdaq скокна за 6,7 проценти, на 17.382 поени.

Почетокот од седмицата не беше добар знак за таков развој на настаните, бидејќи цените на акциите остро паднаа во понеделникот по жестокиот напад на Трамп врз претседателот на Федералните резерви на САД, Џером Пауел. Трамп претходно јавно го критикуваше претседателот на Fed и го повика да ги намали каматните стапки за да го стимулира економскиот раст, но овојпат Трамп го нападна и Пауел со навреди.

 

Американската економија забавува „освен ако Господинот предоцна“, големиот губитник, не ги намали каматните стапки веднаш“, напиша Трамп на социјалните мрежи.

Трамп го критикува Пауел затоа што претседателот на Fed последните месеци изјавуваше дека централната банка нема да преземе никакви мерки во врска со каматните стапки додека чека податоци за тоа како зголемувањето на царините ќе влијае на инфлацијата и економскиот раст. Нападот на Трамп ја доведува во прашање независноста на централната банка, а неговите навреди го нарушуваат и нејзиниот кредибилитет, поради што Волстрит нагло падна во понеделник.

„Земјите што имаат независни централни банки имаат побрз економски раст, пониска инфлација – тие имаат подобри економски резултати за своите луѓе. А политичарите што се обидуваат да влијаат врз Федералните резерви… тоа е навистина лоша идеја и многу застрашувачко за пазарот“, рече Џед Елербрук, менаџер на портфолио во компанијата „Argent Capital Management“.

Сепак, во вторникот индексите ги надоместија сите претходни загуби, бидејќи Трамп рече дека нема планови да го отстрани Пауел, туку само сака пониски каматни стапки.

До крајот на седмицаа цените на акциите на најголемата берза во светот продолжија да растат, главно благодарение на надежите на инвеститорите за ублажување на трговските тензии меѓу САД и Кина.

Секако, сè уште нема ништо конкретно по ова прашање, но инвеститорите веруваат дека порано или подоцна ќе се постигне некаков договор, со оглед на омекнувањето на реториката на Белата куќа по ова прашање.

Ваквите пораки најмногу го поттикнаа растот на цените на акциите во технолошкиот сектор.

„Олеснувањето на царинската реторика е една од причините зошто цените на акциите на производителите на чипови растат, бидејќи секторот е во центарот на трговскиот конфликт меѓу САД и Кина“, рече Пол Нолте, стратег во „Murphy&Sylvest“.

Затоа, вели тој, секое олеснување на царинската реторика меѓу двете земји го охрабрува целиот технолошки сектор.

„Но, на пазарот сè уште има многу прашања за царините на кои немаме одговори. Многумина од нас всушност само фрлаат стрели во темнина“, вели Нолте.

Кварталните деловни резултати на компаниите се, исто така, во фокусот на инвеститорите. Досега, 179 компании од индексот S&P 500 објавија извештај, при што 73 проценти ги надминаа очекувањата во однос на заработката. Аналитичарите сега проценуваат дека заработката на компаниите во првиот квартал пораснала во просек за 9,7 проценти, додека на почетокот на април очекувале раст од околу 8 проценти.

Цените на акциите на европските берзи, исто така, силно пораснаа минатата седмица, благодарение на добрите квартални деловни резултати од европските компании и ублажувањето на трговските тензии.

Лондонскиот индекс FTSE зајакна за 1,7 проценти, на 8.415 поени, додека франкфуртскиот DAX скокна за 4,9 проценти, на 22.242 поени, а парискиот CAC порасна за 3,4 проценти, на 7.536 поени.

globe

Слични новости

Раст од 2,6 проценти на македонскиот БДП годинава, а 2,5 во 2026. предвидува Светската банка

Раст од 2,6 проценти на македонскиот БДП годинава, а 2,5 во 2026. предвидува Светската банка

Раст од 2,6 проценти на македонската економија годинава, од 2,7 во 2026, а од 2,8 проценти во 2027 година, прогнозира Светска банка во денеска објавениот Редовен економски извештај за Западен Балкан

BYD ја удвои добивката на почетокот на годината

BYD ја удвои добивката на почетокот на годината

Кинескиот производител на електрични автомобили BYD објави дека го удвоил профитот во првиот квартал, зголемувајќи ја својата предност пред конкурентите на најголемиот пазар во светот преку ценовна војна

Раст на берзите во Европа и Азија

Раст на берзите во Европа и Азија

Цените на акциите пораснаа на европските берзи во понеделник претпладнето, продолжувајќи го позитивниот тренд од минатата седмица, додека инвеститорите чекаат нови квартални деловни извештаи од европските компании