Министерот за одбрана Владо Мисајловски, во четвртокот во Министерството се сретна со заменик-министерот за одбрана на Турција, Муса Хејбет кому му се заблагодари за медицинската помош од страна на пријателска Турција во згрижувањето на дел од повредените во трагедијата во Кочани.

„Нашите две земји се исклучително блиски повеќе декади и тоа го гледаме на дело. Голема благодарност од целиот македонски народ за вашата несебична поддршка во згрижувањето на дел од повредените во пожарот во Кочани. Ако пријателите се покажуваат во мака, и двете земји покажаа дека стојат една зад друга секогаш кога има потреба за тоа, рече министерот на средбата.

Во контекст на одбранбената соработка, Мисајловски порача дека таа е пример за тоа како сојузниците соработуваат и се поддржуваат меѓусебно.

„Македонската Армија се модернизира и опремува и со опрема произведена во сојузничка Турција, што покажува дека таа е согласно највисоките стандарди на Алијансата и дека имаме апсолутна доверба во турската воена индустрија, порача министерот.

Годинава се очекува во арсеналот на Армијата да пристигнат артилериските хаубици „Боран“ како и системот за контрола на оган за артилериски орудија од фирмата „Аселсан“.

Турција е еден од најголемите поддржувачи на развојот на капацитетите на македонската Армија – преку донации во различни видови на возила, оружје и муниција, како и информатичка и комуникациска опрема. Во Турција, на реномираниот Универзитет за национална одбрана школувани се над 60 македонски офицери, подофицери и професионални војници, а околу 700 службеници во одбраната и припадници на Армијата завршиле обуки во центрите за обука во Анкара. Преку Договорот за воено-финансиска поддршка, Турција продолжува да го поддржува развојот на македонската одбрана во годините кои следат.

Претходно во четвртокот Единствената македонска компанија од одбранбената индустрија АТС Груп, попладнево потпиша Меморандум за соработка со МКЕ – најголемата државна компанија од индустријата на Турција, кој опфаќа отворање на нова фабрика за производство на барут во Македонија, со заеднички инвестиции на двете страни.

На настанот присуствуваа министрите за одбрана и за надворешни работи и надворешна трговија, Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, како и заменик-министерот за национална одбрана на Турција, Хеибет Муса.

Во своето обраќање Муцунски посочи дека целта на меморандумот е да воспостави рамка за соработка и решенија за одбранбената индустрија, вклучувајќи стратешки активности и производство на производи од одбранбената индустрија. Како што рече, партнерството на двете компании е од големо значење за државата како членка на НАТО.

Министерот најави дека во следниот период се планираат проекти за воспоставување на нови производствени линии од страна на МКЕ, користејќи ја експертизата и технологијата на АТС Груп.

„Со оваа соработка ќе се отвори можност за зголемено присуство на меѓународниот пазар, како и пазарот на двете земји. Особено значајно од оваа соработка е тоа што вклучува и отворање на нова фабрика што ќе резултира со отворање на нови работни места и директен придонес кон националната економија. Ова е доказ за посветеноста на Владата за привлекување на странски инвестиции, забрзан економски развој, креирање на работни места и подобрување на животниот стандард на граѓаните. Дополнително во следниот период се планираат проекти за воспостаување на нови производствени линии од страна на МКЕ користејќи ја експертизата и технологијата на АТС Груп во оваа специфична област“, рече Муцунски.

Потпишувањето не е само деловна одлука, додаде Муцунски, туку силна порака за доверба во нашите индустриски капацитети и признание за кадровскиот потенцијал.

Заменик-министерот за национална одбрана на Турција Хеибет Муса искажа задоволство од потпишувањето на меморандумот „кој е стратешки чекор што дополнително ќе ги зајакне односите на двете сојузнички и пријателски земји“.

Како што рече, не само што претставува документ за техничко партнерство, туку и доказ за пријателство и доверба меѓу Македонија и Турција. Од се срце верувам, рече тој, дека нашата соработка ќе придонесе кон целите за одржлив развој и дека договорот ќе биде корисен а нашите две земји и за целиот регион.

Генералниот директор на МКЕ, Келеш, пак, во обраќањето истакна дека соработката претставува манифестација на взаемна доверба и силна волја за заедничка иднина меѓу двете земји, која ќе придонесе кон унапредување на екосистемот на одбранбената индустрија на нашиот регион и ќе ги отвори вратите за нови можности и силни партнерства.

„Почестен и среќен сум што сум сведок на овој вреден Меморандум за соработка што го потпишавме со АТС Груп во нашата пријaтелска и братска земја Северна Македонија. Оваа соработка не е само техничко партнерство помеѓу две компании, туку и значајна манифестација на пријателството, взаемната доверба и силната волја за заедничка иднина меѓу нашите земји. Ние веруваме дека оваа повеќеслојна соработка, не само само што ќе ги унапреди способностите на нашите компании, туку ќе го унапреди и екосистемот на одбранбената индустрија на нашиот регион и ќе ги отвори вратите за нови можности и силни партнерства“, посочи Келеш.

Соработката вклучува трансфер на технологија, техничко знаење и експертиза за производството и подобрување на производствените капацитети, модернизација на производни линии, подобрување на извозните можности, заеднички истражувања за зголемување на извозниот потенцијал на меѓународните пазари, обука и техничка помош, развој на програми за обука и подобрување на техничка експертиза.

globe

Слични новости

Николовски: Партиски членови не треба да се на раководни функции на студентско организирање

Николовски: Партиски членови не треба да се на раководни функции на студентско организирање

Универзитетското студентско собрание на Скопскиот универзитет (УСС на УКИМ) не е против нови здруженија и организации на студенти и ќе ги повика на дискусија за сите предизвици со кои се соочуваат студентите, изјави претседателот на УСС на УКИМ Александар Николовски

Услуги од 15 институции ќе се добиваат на еден шалтер

Услуги од 15 институции ќе се добиваат на еден шалтер

Комитетот за управување со Националниот едношалтерски систем, со кој претседаваше министерот за транспорт Александар Николоски, го усови предлог на Законот за едношалтерска околина, нов закон со кој ќе се обезбеди збир на едношалтерски услуги кои ги обезбедуваат 15 институции во делот на увозот, извозот и транзитот на стока