Цените на акциите остро паднаа на Волстрит во средата, бидејќи инвеститорите беа нервозни пред прес-конференцијата на американскиот претседател Доналд Трамп за царините за увоз на автомобили.
Индексот Dow Jones падна за 0,31 отсто на 42.454 поени, додека S&P 500 се лизна за 1,12 отсто на 5.712 поени, а индексот Nasdaq за 2,04 отсто, на 17.899 поени.
По растот во првите два дена од оваа седмица, индексите вчера загубија голем дел од тие добивки бидејќи пазарот е нервозен поради царинската војна. За време на тргувањето на берзата, Белата куќа најави прес-конференција за царините за увоз на автомобили.

Трамп ги најави овие давачки на почетокот на годината, но инвеститорите се надеваа дека тој ќе се откаже од нив или дека Вашингтон во меѓувреме ќе постигне некаков договор со своите трговски партнери. Сепак, ништо од ова не се случи, па Трамп на прес-конференција рече дека од 2 април ќе воведе царини од 25 отсто за сите возила што не се произведени во САД.
Покрај автомобилскиот сектор, вчера под притисок беа и акциите на технолошките компании. Од 11 најважни сектори на индексот S&P 500, цените на акциите паднаа во шест, со најголем пад, над 2 отсто, во секторите за комуникации и информатичка технологија. Меѓу најголемите губитници беа акциите на производителот на чипови „Nvidia“, со пад на цената од речиси 6 отсто и „Tesla“, со пад од околу 5,5 отсто.
Сега пазарите очекуваат реакција од земјите кои најмногу ќе бидат погодени од новите царини, но и нови одлуки од Вашингтон, со оглед на тоа што Трамп неодамна најави дека од 2 април ќе воведе реципрочни царини за увозот од сите земји кои наплаќаат царини за увоз на американски производи.
„Пазарите ја мразат оваа несигурност околу тарифите, особено што се однесуваат на автомобилската индустрија. Овие тарифи може да имаат големо негативно влијание врз економијата“, вели Џејми Кокс, партнер во „Harris Financial Group“.
Поради царинската војна, аналитичарите на „Barclays“ вчера го намалија целното ниво за индексот S&P 500 на 5.900 поени, од претходните 6.600 поени. По вчерашниот пад, S&P 500 падна за околу 3 отсто од почетокот на годината, а Nasdaq индексот е намален за повеќе од 7 отсто.
Цените на акциите вчера паднаа и на повеќето европски берзи. Иако лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,30 отсто, на 8.689 поени, франкфуртски DAX падна за 1,17 отсто, на 22.839 поени, а париски CAC за 0,96 отсто, на 8.030 поени.
Слични новости
Инфлацијата во еврозоната благо слабее во март
Инфлацијата во еврозоната благо ослабе во март, бидејќи значително поумерениот пораст на цената на услугите го надмина скокот на цените на свежата храна, покажаа во вторникот објавените проценки на Европската статистичка служба
Нов рекорд на златото
Цената на златото, кое се смета за побезбедно засолниште за капиталот во неизвесни времиња, претпладнево четврти ден по ред достигна ново рекордно ниво – 3.145 долари за унца
Остар пад на Волстрит во првиот квартал
На Волстрит индексот S%P 500 благо порасна во понеделникот, но падна со највисока стапка од 2022 година во текот на целиот прв квартал, што е последица од стравувањата на инвеститорите од ескалација на царинската војна