Цените на акциите пораснаа на Волстрит во средата, откако американската централна банка ги задржа проценките за намалување на каматните стапки, а нејзиниот претседател рече дека не се очекува значителен економски пад.

Индексот Dow Jones порасна за 0,92 отсто, на 41.964 поени, додека S&P 500 порасна за 1,08 отсто, на 5.675 поени, а индексот Nasdaq за 1,41 отсто, на 17.750 поени.

На редовниот состанок во средата, челниците на Fed одлучија, очекувано, да ги остават клучните каматни стапки непроменети во опсег меѓу 4,25 и 4,50 отсто. Сепак, инвеститорите беа охрабрени од фактот што челниците на Fed ја задржаа својата проценка од минатата година дека ќе ги намалат каматните стапки двапати во 2025 година за по 0,25 процентни поени.

Инвеститорите беа фокусирани и на новите проценки на Fed, кои не се многу ветувачки, бидејќи прогнозата за економски раст за оваа година е намалена од претходните 2,1 отсто на 1,7 отсто, додека проценката за базичната стапка на инфлација е зголемена од 2,5 отсто на 2,8 отсто.

Иако многу аналитичари последните седмици предупредуваа на зголемен ризик од рецесија поради тарифната војна што Вашингтон ја води на повеќе фронтови, претседателот на Fed, Џером Пауел на прес-конференција рече дека значителен економски пад е малку веројатен. Посочи дека проценките за инфлацијата се значително зголемени поради тарифната војна, но и дека Fed е добро позициониран да реагира брзо доколку се влошат економските податоци.

„Доколку пазарот на трудот неочекувано ослабне или ако инфлацијата се намали побрзо од очекуваното, Fed може соодветно да ја олесни монетарната политика“, рече Пауел.

Но, ако економијата остане силна и инфлацијата не продолжи да паѓа кон целта од 2 отсто, ФЕД може удобно да ги задржи каматните стапки на покачени нивоа, заклучи Пауел.

Пораките на претседателот на FEd ги охрабрија инвеститорите, кои со недели се неизвесни додека американскиот претседател Доналд Трамп води тарифна војна со најголемите трговски партнери, додека економскиот раст забавува, а инфлацијата не стивнува.

„Пазарот се надеваше на нешто што ќе ја намали неизвесноста, а јас би рекол дека Пауел успеа во тоа. Проценките за инфлацијата се благо зголемени, а економскиот раст е благо намален, така што мислам дека ФЕД не придонесе за пазарната несигурност што ги оптоварува акциите во последно време“, рече Расел Прајс, економист во „Ameriprise Financial“.

Цените на акциите вчера пораснаа и на повеќето европски берзи. Лондонскиот FTSE индекс порасна за 0,02 отсто, на 8.706 поени, а париски CAC за 0,70 отсто, на 8.171 поен. Франкфуртски DAX, пак, падна за 0,40 отсто, на 23.288 поени.

globe

Слични новости

Европските берзи во црвено

Европските берзи во црвено

Европските берзи паднаа во петокот во претпладневното тргување предводени од падот на цените на акциите на авиокомпаниите, откако пожарот на лондонскиот аеродром Хитроу ги запре сите летови на еден од најпрометните аеродроми во светот

Азиските пазари на капитал под притисок поради американските царини

Азиските пазари на капитал под притисок поради американските царини

Азиските берзи остро паднаа во петокот поради зголемената загриженост за геополитичките тензии и влијанието на американските царини врз глобалната економија, што го намалува апетитот за ризик на инвеститорите, кои се свртуваат кон златото како безбедно засолниште за капиталот и го зајакнува доларот

Доларот расте бидејќи Fed нема да брза да ги намали каматните стапки

Доларот расте бидејќи Fed нема да брза да ги намали каматните стапки

На девизните пазари американскиот долар порасна во однос на главните светски валути во петокот, ден откако го забележа најдоброто остварување во последните три седмици, бидејќи централната банка на САД сигнализираше дека нема да брза со намалување на каматните стапки