Германскиот Бундестаг во вторник ја одобри уставната промена со која се овозможува ново задолжување за потребите на реформскиот пакет на идната влада за финансирање на одбраната и економијата во износ од речиси трилион евра.

„Сите пратеници можат да гласаат со чиста совест за промена на уставот. Станува збор за голема меница на иднината на нашата земја а со тоа и на иднината на следните генерации“, рече претседателот на Христијанско-демократската унија (CDU) и веројатно иден канцелар Фридрих Мерц за време на дебатата што му претходеше на гласањето за промената на Уставот.

Мерц рече дека планираното задолжување се оправдува и со „опасноста што Русија ја претставува за Германија и Европа“.

„Русија секојдневно води војна не само против Украина, туку и против Германија“, тврдеше Мерц споменувајќи ги  кибернетички напади и „насочени убиства и киднапирања на политички противници“.

Мерц, исто така, рече дека инвестициите во Бундесверот (германската армија) се „добра основа за зајакнување на одбранбените капацитети на Европа“.

Потпретседателот на Социјалдемократската партија на Германија (SPD), која преговара за коалициска влада со демохристијанската унија CDU/CSU, Ларс Клингбејл, ја нарече „историска“ одлуката за нов пакет мерки кои освен зајакнување на одбранбените капацитети, ја зајакнуваат и економијата и инфраструктурата на земјата.

„Светот токму се прекројува по ново. Никој не ја чека Германија и никој не ја чека Европа“, рече Клингбејл.

Опозициската крајно десна Алтернатива за Германија (AfD) одлуката за ублажување на таканаречената „должничка кочница“, механизам вметнат во Уставот по светската финансиска криза во 2008 година, ја нарече измама на гласачите.

Заменик-претседателот на AfD, Тино Хрупала, го обвини Мерц дека им попуштил на Зелените давајќи им гаранции дека дел од 500 милијарди евра наменети за реновирање на инфраструктурата ќе бидат инвестирани во проекти за климатска трансформација.

На CDU/CSU и SPD заедно им беа потребни и гласовите на партијата на Зелените за промена на Уставот. Зелените првично не сакаа да го одобрат укинувањето на забраната за зголемиуање на долгот бидејќи сметаа дека проектите не вклучуваат доволно мерки за спречување на климатските промени. Потоа, CDU/CSU и SPD ги задоволија барањата на Зелените со доделување на 100 милијарди евра од пакетот економска помош за проекти за климата.

Гласањето за измена на Уставот беше неопходно во овој состав на Бундестагот, кој денеска ја одржа последната седница. Во новиот Бундестаг, чија конститутивна седница е следната седмица – демохристијаните, социјалдемокраите и зелените нема да го имаат потребното двотретинско мнозинство.

AfD и партијата Левица сакаа со итни постапки пред Уставниот суд да го спречат денешното гласање со образложение дека Бундестагот во заминување нема легитимитет за промена на Уставот, но жалбите беа одбиени.

Денешната уставна промена допрва треба да ја одобри и домот на сојузните покраини Бундесратот, во петок.

globe

Слични новости

Хаџот започнува со повеќе од милион верници, организаторите се борат со виските температури

Хаџот започнува со повеќе од милион верници, организаторите се борат со виските температури

Повеќе од милион верници се собраа пред најважниот исламски ритуал на хаџот под жешкото сонце во среда, додека властите вложија напори да избегнат повторување на минатогодишните повеќе од 1.000 смртни случаи од топлина.

Зголемените царини за метали на Трамп стапуваат на сила додека истекува рокот за „најдобрите“ понуди

Зголемените царини за метали на Трамп стапуваат на сила додека истекува рокот за „најдобрите“ понуди

Американските царини за најголемиот дел од увезениот челик и алуминиум ќе се удвојат во средата, денот кога претседателот Доналд Трамп очекува трговските партнери да ги достават своите „најдобри понуди“ за да избегнат наметнување царини за други стоки на почетокот од јули

Најавата на разговор меѓу Трамп и Си го поттикна Волстрит

Најавата на разговор меѓу Трамп и Си го поттикна Волстрит

Цените на акциите пораснаа на Волстрит во вторникот, особено кај производителите на чипови, по веста дека американскиот претседател Доналд Трамп треба да разговара со кинескиот претседател Си Џинпинг оваа седмица