Судијата на претходна постапка им одреди „краткотраен притвор“ од 48 часа на поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, на поранешниот директор на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски и на уште 12 лица осомничени за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

-Судот во Кочани го прифати барањето на обвинителството по предлогот за определување мерка краткотраен притвор за сите 14 осомничени лица. Изречена е мерката краткотраен притвор во траење од 48 часа, информираа утрово за МИА од Основниот суд Кочани.

Како што дополнуваат, Судот постапува по предлозите на Обвинителството, во врска со пожарот во „Пулс“ во Кочани, во кој починаа 59 лица, а над 155 се повредени.

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски вчера на прес-конференција соопшти дека во врска со несреќата во ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани се работи на итно процесуирање на 14 осомничени.  Тој информираше дека се сомничат за „тешки дела против општа сигурност“ по член 292 од Кривичниот законик со казна затвор од најмалку три години без горна граница на казнување, што може да се движи до 20 години. Воедно, рече дека се испитуваат дејствија на примање и давање поткуп како и незаконска набавка на пиротехнички средства.

-Вкупно до овој момент се работи на итно процесуирање на 14 лица обезбедени од нашето постапување до овој момент. По однос на увидот можам да кажам дека сите важни релевантни факти и докази на местото се обезбедени и следат дополнителни анализи и вештачења од соодветна област, рече тој, дополнувајќи дека во текот на оваа недела има можност да се поведе истражна постапка, изјави Коцевски.

На сослушување во ОЈО Кочани во врска со трагедијата синоќа беа спроведени Поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, поранешниот директор на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски и уште едно лице. Претходно на распит беше и градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов,  и како што соопшти Обвинителството   дополнително ќе биде донесена одлука за неговиот натамошен статус во постапката.

-Извршен е распит на градоначалникот кој даде определени појаснувања и сознанија. Таквиот исказ се споредува со доказниот материјал и надлежностите на општината, по што ќе биде донесена одлука за неговиот натамошен статус во постапката, информираа од Обвинителството.

Според досегашната истрага на институциите, во дискотеката немало хидрантска мрежа и доволно ПП апарати, во неа противзаконски биле користени пиротехнички материјали, немала ниту легална лиценца за работа и не бил склучен писмен договор меѓу организаторот и групата што настапувала.

globe

Слични новости

Таравари го разреши директорот на Кумановската болница

Таравари го разреши директорот на Кумановската болница

Министерот за здравство Арбен Таравари денеска изјави дека е разрешен директорот на Кумановската општа болница Стефан Трајановски. Ја разгледал документацијата на државната санитарна инспекција и, како што рече, во министерството констатирале дека има предуслови да се разреши директорот на Кумановската болница

Седум полициски службеници од Кочани и Штип осомничени за тешки дела против општата сигурност, доставен предлог за притвор

Седум полициски службеници од Кочани и Штип осомничени за тешки дела против општата сигурност, доставен предлог за притвор

Предметен јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција, донел наредба за спроведување на истражна постапка против седум полициски службеници

Обвинителството бара продолжување на краткотрајниот притвор за 16 лица

Обвинителството бара продолжување на краткотрајниот притвор за 16 лица

Основното јавно обвинителство Кочани до надлежниот суд достави предлози за продолжување на мерката краткотраен притвор за нови 48-часа за 16 лица досега опфатени со постапката на кои оваа мерка им истекува во текот на денот, информираат од Обвинителството