Има широка политичка поддршка за да се обезбеди воена помош на Украина во вредност до 40 милијарди евра, а разговорите за деталите сега се во тек, изјави во понеделникот високата претставничка на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас.

„Постои широка политичка поддршка за одбранбената иницијатива за Украина од 40 милијарди евра, сега се разговара за деталите“, рече Калас по завршувањето на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки.

Истакна дека „сите разбрале дека токму сега треба да ја покажеме нашата решителност и да ја поддржиме Украина за да може да се одбрани“. Иницијативата ќе ја разгледаат и челниците на земјите членки на нивниот самит в четврток.

Калас предложи земјите-членки да ѝ обезбедат на Украина итна воена помош во вредност од најмалку 20 милијарди и па до 40 милијарди евра. Овој предлог вклучува и набавка на два милиона парчиња артилериска муниција, системи за противвоздушна одбрана и обука на украински војници. Земјите-членки ќе придонесат според нивната економска сила во форма на финансиска или материјална помош.

Целта на оваа иницијатива е да се зајакне позицијата на Украина во преговорите што ги води со САД и евентуално со Русија за прекин на огнот. Оваа помош, според Брисел, треба да му овозможи на украинското раководство да отфрли потенцијално неповолен мировен предлог што Доналд Трамп и Владимир Путин би можеле да се обидат да го наметнат.

Бројката од 40 милијарди евра одговара на сумата што Американците и Европејците заедно ја дадоа на Украина минатата година, што значи дека евентуалното целосно прекинување на американската помош оваа година нема сериозно да го загрози украинскиот отпор, се надеваат во ЕУ.

Поучена од искуството со Унгарија, која постојано ги блокира сите иницијативи за воена поддршка во полза на Украина тврдејќи дека тоа само ја продолжува војната и страдањата на луѓето, Калас предложи учеството во оваа иницијатива да биде на доброволна основа. Тоа значи дека Унгарија и Словачка нема да бидат обврзани да придонесуваат, но нема да можат да ја блокираат помошта, а на иницијативата би можеле да се приклучат и земји кои не се членки на ЕУ, како што се Велика Британија и Норвешка.

Во првата верзија на нејзиниот план, Калас предложи земјите да придонесат во оваа иницијатива според нивната економска сила, односно големината на нивниот бруто домашниот произод (БДП), односно големите земји да придонесуваат најмногу. Според ова, најмногу би дала Германија – 24 отсто, потоа Франција 18 отсто, а Италија 13 отсто.

Сепак, Франција и Италија се високо задолжени земји и немаат многу фискален простор и се противат на поделба на товарот според БДП-то. Франција е подготвена да испрати свои војници во Украина во случај на мировен договор и сака тоа да се земе предвид.

Позицијата на Италија е помалку јасна. Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани рече дека неговата земја не е единствената која бара дополнително разгледување на предлогот.

globe

Слични новости

Зеленски против отстапките за Русија за помошта од Западот

Зеленски против отстапките за Русија за помошта од Западот

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во средата повика да не се прават „отстапки“ на Русија, која бара прекин на помошта од Западот за Киев пред да се постигне прекин на огнот, најавувајќи дека во среда ќе разговара со американскиот претседател Доналд Трамп

EK ќе претстави план за спротивставување на Русија

EK ќе претстави план за спротивставување на Русија

Се очекува Европската комисија во среда да претстави конкретен план до земјите-членки на ЕУ за тоа како, според неа, да се спротивстави на актуелните закани од Русија и другите агресивни актери, се вели во нацрт-документот во кој увид имала германската новинска агенција dpa