На валутните пазари вредноста на американскиот долар во однос на кошницата валути падна минатата седмица, втора по ред, при што еврото дополнително зајакна во однос на доларот бидејќи зголемената јавна потрошувачка во Германија може да го забрза економскиот раст.

Индексот на доларот, кој ја искажува вредноста на американската во однос на шесте главни светски валути, минатата седмица се лизна за 0,15 отсто, на 103,75 поени. Курсот на еврото во однос на доларот се зголеми за 0,45 отсто, на 1,0879 долари. Сепак, американската валута зајакна во однос на јапонската, за 0,4 отсто, достигнувајќи 148,60 јени.

 

Падот на индексот на доларот втора седмица по ред е резултат на цаинската војна меѓу САД и нивните најголеми трговски партнери, што може да доведе до слабеење на најголемата светска економија и пораст на инфлацијата. Покрај тоа, американскиот претседател Доналд Трамп планира нагло да ги намали федералните трошоци, што исто така може да ја забави економијата.

„Падот на доларот во однос на еврото е резултат на тарифната војна, која предизвика многу нестабилност, како и крајот на режимот на фискални стимулации, бидејќи администрацијата на Трамп се обидува да ја намали јавната потрошувачка“, објаснува Бред Бехтел, директор во „Jefferies“.

Од друга страна, вели тој, Европската унија се движи во сосема спротивна насока и ја зголемува јавната потрошувачка. Имено, во Германија идната демохристијанско-социјалдемократска влада планира ново задолжување и формирање фондови за помош на германската економија и зајакнување на одбраната. Идната влада се согласи да ги релаксира фискалните правила за да може да ги зголеми инвестициите и со тоа да го стимулира економскиот раст.

Покрај тоа, еврото зајакна бидејќи се верува дека Европската централна банка е на крајот од циклусот на намалување на каматните стапки, додека американската централна банка Федералните резерви се очекува да продолжи со намалувањето на каматните стапки во наредниот период. Додуша, американската централна банка не се очекува да ги намали каматните стапки веќе следната недела, но се очекуваат намалувања во втората половина од годината.

globe

Слични новости

Светските берзи во пад под притисокот од цаинската војна

Светските берзи во пад под притисокот од цаинската војна

Цените на акциите паднаа на светските берзи минатата седмица бидејќи инвеститорите стравуваа дека царинската војна меѓу Вашингтон и неговите најголеми трговски партнери ќе предизвика забрзување на инфлацијата и забавување на економскиот раст

Премиерот Мицкоски најави нови 500 милиони евра кредит, наменети за локални и регионални патишта

Премиерот Мицкоски најави нови 500 милиони евра кредит, наменети за локални и регионални патишта

Премиерот рече дека 500-те милиони евра кредит ќе бидат вложени во реконструкција на локални, регионални и експресни патишта. Ќе се поврзуваат општина со општина со локални и регионални патишта.

Бојан Стојаноски од ВМРО ДПМНЕ најави дека во време на владеење на ВМРО-ДПМНЕ ќе се стави крај на криминалот на Пуцко Петрол

Бојан Стојаноски од ВМРО ДПМНЕ најави дека во време на владеење на ВМРО-ДПМНЕ ќе се стави крај на криминалот на Пуцко Петрол

Пуцко Петрол 30 години имал статус на бела мечка во македонското општество, дозволено му било преку тендери да внесува што сака и како сака. Сега, во време на ВМРО-ДПМНЕ, ќе се стави крај на неговото криминогено однесување, порача пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.