Протестот „15 за 15“, за кој според опозициските медиуми бил еден од најголемите во историјата на Белград, заврши во саботата вечерта пред предвиденото по инцидентите во кои беа повредени 56 лица, 22 беа уапсени, а по првиот инцидент студентите се повлекоа и порачаа дека повеќе тоа не е студентски протест.

Собирот се одвиваше мирно до 19 часот, кога под чудни околности беше прекинат 15-минутниот молк во чест на 15-те загинати на железничката станица во Нови Сад, што беше деклариран повод за четиримесечните студентски блокади и протести што ја зафатија цела Србија.

Во јавноста се појавија тврдења дека за време на тишината на плоштадот Славија, бил користен таканаречен звучен топ, што во соопштение го оценија и дел од опозициските партии. Министерството за внатрешни работи експресно ги демантираше овие тврдења, а нешто подоцна истото го стори и српскиот претседател Александар Вучиќ во обраќање до медиумите.

 

Информацијата за 56 повредени и 22 уапсени на новинарите им ја соопшти самиот Вучиќ, наведувајќи дека нема сериозни повреди, а сите кои го прекршиле законот ќе одговараат прекршочно или кривично во зависност од прекршоците што ги сториле.

Вучиќ наведе проценки од три агенции – дека на митингот имало меѓу 88.000 и 107.000 луѓе, додека во прелиминарната анализа на невладинатата организација блиска на опозицијата Архив на јавни собири се тврди дека „ги имало многу повеќе“ и дека „подетални податоци ќе бидат објавени по детална анализа“, но не излегоа ниту со прелиминарна проценка.

Сите централни белградски улици беа исполенти со луѓе во постојано движење во текот на денот, а официјалниот дел од собирот повикан од студентите во блокада, кој формално започна пред Скупштината (парламентот) на Србија околу 16 часот во саботата, беше преместен на плоштадот „Славија“, каде студентите во своите обраќања порачаа дека се борат „за вистински вредности, транспарентност и одговорност на сите кои управуваат со нивната иднина“.

Една од студентките кои говореа без да се претставуваат нагласи дека барањата на студентскиот пленум не се исполнети, без да прецизира за кои станува збор, и дека доколку така продолжи тие ќе останат на улица, на блокадите и ќе ја продолжат борбата.

„Нашите конкретни барања се објавување на целата документација за реконструкција на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, бидејќи треба да ги знаеме точните податоци за да откриеме неправилности и да спречиме слични трагедии во иднина“, потенцираше студентката.

Вучиќ, пак, и синоќа повтори дека барањата на студентите се исполнети, имајќи предвид дека се објавени повеќе десетина илјади страници документи кои се однесуваат на градежните зафати на новосадската железничка станица, како и дека поради трагедијата се притворени десетина функционери и државни службеници.

Српскиот претседател, исто така, уште еднаш порача дека е „секогаш подготвен“ да го потврди својот легитимитет преку референдум или на избори во рок од четири или пет месеци, „а можеби и во пократок период од три месеца“.

„Добро ја разбравме пораката, секој треба да ја разбере пораката кога ќе се соберат толку многу луѓе, а од друга страна – се надевам дека некои добро ја разбраа пораката на мнозинската Србија, дека граѓаните не сакаат обоени револуции, насилство и дека сакаат да ја сменат власта на избори“, рече Вучиќ.

Додека Вучиќ зборуваше од Палатата Србија, и групите млади луѓе со качулки кои останаа на улиците и предизвикаа судири пред Пионерскиот парк каде шаторска населба поставија „студентите кои сакаат да учат“ приврзаници на претседателот, откако „студентите во блокада“ рекоа дека се повлекуваат од протестот и дека тоа повеќе не е нивна организација, се разотидоа низ центарот на градот по појавата на жандармеријата, па сообраќајот беше нормализиран а повеќето полициски единици беа повлечени.

globe

Слични новости

Трамп и Путин ќе разговараат за Украина во наредните денови, според американскиот претставник Виткоф

Трамп и Путин ќе разговараат за Украина во наредните денови, според американскиот претставник Виткоф

Американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот руски колега по должност Владимир Путин се очекува да разговараат во наредните денови, објави во неделата американскиот специјален пратеник за Украина и Русија, Стив Виткоф, додека САД вршат притисок врз Русија да се согласи на прекин на огнот со Украина

САД депортираа стотици осомничени припадници на венецуелска банда

САД депортираа стотици осомничени припадници на венецуелска банда

Соединетите држави депортираа стотици наводни членови на венецуелската банда Трен де Арагуа користејќи го Законот за странски непријатели од 1798 година, кој сега е блокиран, изјави мериканскиот државен секретар Марко Рубио