Изминатата ноќ во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувнал пожар во кој, според информации на Министерството за внатрешни работи за медиумите, има најмалку 50 загинати.
Бројот на повредени лица засега се уште не се знае и допрва се утврдува. Дел од повредените се префрлени во штипската и во скопските клиники. Официјални податоци за тоа како настанал пожарот и кои се причините се уште нема.
Како што известуваат локалните медиуми, причина за ширење на пламените јазици во дискотеката биле употребени пиротехнички средства, настап имала македонската група ДНК. Во моментот на избувнувањето и ширењето на пожарот, дискотеката била полна со луѓе.

Локалните медиуми пренесуваат дека по избувнувањето на пожарот, пристигнале голем број противпожарни бригади, амбулантни возила и брза помош и полициско присуство.
Утринава, присутните пред дискотеката во Кочани во очај ги бараат своите блиски. Бараат информации оти никој не знае дали се живи или мртви.
„Ја барам внука ми. Внатре не пуштаат да се влезе, а ние не знаеме каде е. Телефонот и ѕвони, таа не се јавува. Бевме во болницата во Кочани, во Штип, некои се пратени во Скопје. Можеби е повредена и не може да се јави. Мора некој нешто да ни каже итно, каде да бараме“, изјави соговорник на РСЕ од Кочани.
Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов информира дека веќе се наоѓа во Кочани, заедно со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев. Тој најави дополнителни информации за подоцна.
Се огласија и од Обвинителството, од каде велат дека точниот број на жртви и повредени допрва ќе се утврдува.
„Сите надлежни служби, вклучително и јавен обвинител од ОЈО Кочани се на терен. Бројот на жртви и повредени се утврдува. Се уште се преземаат дејствија и се врши увид. Јавниот обвинител на РСМ, како и основните јавни обвинители на ОЈО Скопје и на организиран криминал се на пат кон Кочани. На кочанското обвинителство ќе му бидат на располагање сите капацитети на обвинителствата за итно постапување“, соопштија од ОЈО.
Слични новости
Чупеска: За трагедијата во Кочани мора да има одговорност
Потпретседателката на СДСМ, Ана Чупеска денеска на прес-конференција од седиштето на партијата побара одговорност од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, но и темелна и независна истрага за трагедијата во Кочани. Таа испрати апел до Обвинителството и сите истражни органи оваа трагедија да ја истражат до крај, и одговорните да одговараат
МВР за пожарот во Кочани: Осомничени над 20 лица, 15 се во полициска станица
МВР во координација со Јавното обвинителство до овој момент во врска со синоќешниот пожар во ноќен клуб во Кочани има осомничено 20 лица, од кои 15 се во полициска станица, информираше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Легална лиценца за работа фирмата немала и повеќе детали, Тошковски во овој дел од истрагата, рече дека не може да открие, но посочи дека, како и многу други работи од минатото е поврзана со мито и корупција.
Три деца со изгореници од пожарот во Кочани ќе бидат пренесени во болница во Солун
Три млади деца со изгореници, повредени во пожарот во дискотеката во Кочани ќе бидат пренесени во болницата Папаниколау во Солун