Сите граѓани кои сметаат дека нивната сметка за потрошена електрична енергија е неточна имаат законско право да поднесат приговор до универзалниот снабдувач ЕВН Хоум во рок од 8 дена. Пријавата мора да содржи број на сметка, опис на проблемот и копија од фактурата и се доставува на адресата info@evn.mk.

„Ако ЕВН не одговори во законскиот рок или граѓаните не се задоволни од одговорот, можат да се обратат до РКЕ на erc@erc.org.mk или potrosuvaci@erc.org.mk, приложувајќи ги документите од постапката со ЕВН. РКЕ ќе изврши независна истрага и ќе донесе обврзувачко решение“, прецизираат од Министерството, појаснуваат денеска од Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.
Доколку РКЕ донесе одлука во полза на граѓанинот, како што посочуваат, ЕВН е законски обврзан да ја коригира сметката, најчесто со пресметковно намалување на следните фактури.
„Од ЕВН Хоум информираат дека околу 85 отсто од броилата се отчитуваат секој месец. Меѓутоа има броила кои се поставени во имотот на корисниците и кои не можат да се отчитаат доколку корисникот не е присутен. Вкупно 15 отсто од броилата, во кои влегуваат непристапни, во одделни рурални средини, се читаат два пати годишно“, велат од Министерството.
Во период од три месеци, како што посочуваат, процентот на отчитани броила бил над 95 отсто.
„За броилата што нема можност да се отчитаат во текот на месецот, фактури се изготвуваат врз основа на прогнозирана потрошувачка преку автоматски алгоритми, каде што основот е кривата на потрошувачка и потрошувачката во последните 12 месеци“, појаснуваат од Министерството.
Нагласуваат дека според информациите на ЕВН Хоум, по вовдувањето на блок тарифите се вовел механизам на проверка.
– За потрошувачката на корисниците кои прв пат влегуваат во четвртиот блок се појавува „системска нотификација“ и секогаш поединечно се проверуваат од страна на Електродистрибуција. Овој процес се спроведува пред да му се достави фактурата на корисникот. Во ваков случај, доколку влегувањето во четвртиот блок е последица на претходни неотчитани месечни состојби, односно нефактурирани киловат-часови, фактурата веднаш се коригира, порачуваат од Министерството.
Доколку граѓаните се сомневаат дека нивните броила не се редовно отчитувани можат да ја споредат фактурата со вистинската состојба на броилото, а ЕВН е должно да реагира. Граѓаните имаат можност и сами да пријават состојба со отчитување на броилото и да ја пратат на мели адресата на ЕВН или да поднесат барање до ЕВН Хоум за физичко отчитување на броилото и проверка на блоковите, доколку не се во можност сами да го отчитаат броилото. Воедно може да побараат и доказ за отчитување.
„Според законот, ЕВН мора да обезбеди потврда за кварталното отчитување. Доколку ја нема, граѓанинот има право на ревизија, порачуваат од Министерството.
Сите корисници кои сакаат сами да ги пријават состојбите на броилата тоа можат да го направат на https://evnonline.mk/index/meterdata или https://evnonline.mk/payment/meterdata, или со електронски допис на info@evn.mk или elektrodistribucija@evn.mk, како и со јавување во Колцентарот на ЕВН на телефонскиот број 02 32 05 000.
„Од 820 илјади броила во Македонија, во ЕВН Хоум, во периодот од декември 2024 до јануари 2025 година, пристигнале 15 000 приговори, но како што информираат од таму, само мал број од овие пријави (15 отсто) се ревидирани според новопрочитана состојба, за останатите било утврдено дека немале основ, бидејќи вредноста на сметката била соодветна на реалната потрошувачка. Од ЕВН Хоум информираат дека бројот на пристигнати поплаки во овој период е за 20 отсто помал отколку во периодот од декември 2023 до јануари 2024 година. До второстепениот орган РКЕ, пак, до 28.02.2025 година пристигнати се 345 приговори“, посочуваат од Министерството.
Од Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини нагласуваат дека во тек се активности за активирање на современа апаратура за проверка на броилата во Бирото за метрологија со што ќе се овозможи дополнителна независна верификација и проверка на броилата, по жалба на потрошувачите.
Слични новости
Одржана редовна седница на Извршниот одбор на НБ за монетарната политика
На седницата беше оценето дека тековната поставеност на монетарната политика е соодветна на условите во економијата, но и на ризиците, коишто и натаму постојат и се нагласени
Треба да се поврзуваме, само така ќе бидеме во оптиката на поголемите држави, порача Мицкоски од ГП „Маркова нога“
По повеќе од 50 години денеска почнаа градежните активности за повторно отворање на граничниот премин „Маркова нога“ на македонско-грчката граница
Судење Палевски: Манев сведочеше дека планот бил во дупката да се чуваат грабнатите додека не се исплатат пари
Второобвинетиот за убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски, Велибор Манев во средата пред судот изјави дека Љупчо Палевски Палчо бил организатор на грабнувањето на Жежовски и дека го убил пукајќи му во слепоочница