Репрезентациите составени од играчи на НХЛ лигата од Канада и САД ќе играат во финалето на турнирот „Четири нации“ кој годинава е замена за традиционалната Ол-стар викенд во Северноамериканската национална хокеарска лига, а во која се најдоа и репрезентациите на Шведска и Финска.

Во последното коло на турнирот во еден круг, на кој репрезентациите одиграа по еден натпревар против другите противници, Канада во Бостон ја совлада Финска со 5:3 и со тоа избори пласман во финалето покрај селекцијата на САД, која по само две кола стана финалист, па поразот од Шведска со 2:1 не им значеше ништо.

Канаѓаните одлично го започнаа натпреварот одигран во понеделникот рано попладнето по локално време и поведоа по 4,13 минути игра со голот на Конор Мек Дејвид. Само 46 секунди подоцна, Нејтан Мекинон го удвои водството на Канада, а во 14. минута Брајден Поинт го постигна третиот гол за тимот со јаворовиот лист на градите.

По 5,03 игра во вториот период, Нејтан Мекинон со својот втор гол ја зголеми предноста на Канаѓаните на 4:0. Иако се чинеше дека нема да има возбудувања околу конечниот резултат и пласманот на Канада во финалето, Финците успеаја да го направат интересен крајот на натпреварот.

Најпрвин Еса Линдел го постигна првиот гол за финската репрезентација во 14. минута од последната четвртина. Семафорот покажуваше 4:1 до 19. минута, кога Микаел Гранлунд постигна два гола во интервал од само 23 секунди за да ги доведе Финците на само гол заостанување. Финците двата гола ги постигнаа играјќи без голман, со дополнителен играч на мразот.

Овој рецепт се обидоа да го применат во последната минута, кога ја вратија контролата над пакот, но Сидни Крозби успеа да ја спречи акцијата на Финците со „бодичек“ на средината на лизгалиштето, а потоа со одлична реакција во два потега ја погоди небранетата мрежа за конечни 5:3 и пласман на Канаѓаните во финалето.

Имено, репрезентацијата на Канада во тој момент се најде на второто место на табелата со пет бода, во пресрет на финалниот меч во кој ниту победа против американската репрезентација не можеше да им донесе повеќе од третото место на Швеѓаните, поради поразот во мечот со Канаѓаните. Швеѓаните можеа да стигнат до финалето само доколку победникот од мечот меѓу Канада и Финска беше решен по продолженија или пеналите.

Со оглед на тоа што овој натпревар немаше резултатско значење за американските хокеари, бидејќи со победите над Финска и Канада во првите две кола го обезбедија првото место, можеа да калкулираат со минутажата и да ги поштедат оние играчи кои го понесоа поголемиот товар во првите два натпревара.

Меѓутоа, кога Крис Крајдер ги доведе Американците во водство по само 35 секунди игра, се чинеше дека американскиот тим со максимално влијание ќе стигне до финалето. Сепак, домашните останаа без голови до крајот на мечот во „ТД Гарден“, па Швеѓаните победија со головите на Густав Никвист во 14. и Јеспер Брат во 20. минута и го завршија турнирот бодовно изедначени со Канаѓаните, но го испуштија финалето. Финците го освоија четвртото место со два бода.

Финалниот натпревар на првото издание на турнирот „Четири нации“ ќе се игра во Бостон во „ТД Гарден“ во четврток со почеток во 20 часот по локално време или ноќта од четврток кон петок во 2 часот по средноевропско време.

globe

Слични новости

Оклахома Сити го победи Милвоки во најинтересниот натпревар од НБА лигата

Оклахома Сити го победи Милвоки во најинтересниот натпревар од НБА лигата

Првопласираниот тим на Западот Оклахома Сити славеше на гостувањето во Милвоки со 121:105 во меч во кој директно играа еден против друг двајца кандидати за МВП титулата сезонава Шеи Гилџес Александар и Јанис Адетокумбо.

Барселона од 0:2 до победа на Метрополитано

Барселона од 0:2 до победа на Метрополитано

Во дербито на 28. коло на шпанското фудбалско првенство, Барселона ја надомести негативата од два гола на мадридскиот стадион „Метрополитано’ и го совлада домашниот тим Атлетико со 4:2