Во дербито од 25. коло на италијанското фудбалско првенство, Јувентус го совлада Интер со 1:0, остварувајќи ја првата победа во последните шест меѓусебни средби. Најголемото ривалство во италијанскиот фудбал познато како „Дерби д’Италија“ го реши голот на Франциско Консеикао во 74. минута.
Јуве со оваа победа се искачи на четвртото место на табелата, додека Интер ја пропушти шансата да го преземе врвот на табелата, останувајќи на втората позиција со два бода помалку од Наполи.
По скромните воведни 15 минути, остатокот од првото полувреме понуди одличен фудбал со бројни шанси, дури 20 удари, но без погодок.

Првата голема шанса ја имаа гостите. Мехди Тареми шутираше со „ножички“ во 19. минута, но Микеле Ди Грегорио одлично реагираше и ја запре топката. Во продолжението на акцијата Дензел Дамфрис со глава упати удар над голот. Три минути подоцна на спротивната страна се заканија Николас Гонзалес, а потоа и Франциско Консеикао, но Јан Зомер дватапати добро реагираше.
Блиску до гол беше и Рандал Коло Муани во 24. минута, но неговиот удар беше изблокиран од гостинската одбрана. Голема шанса имаше и напаѓачот на Интер, Лаутаро Мартинез, кој го префрли противничкиот гол во 37. минута. Можеби најдобрата шанса во првото полувреме ја имаше Интер во 43. минута, но Дамфрис ја погоди стативата.
Првата голема шанса во вториот дел Јуве ја имаше во 57. минута, но Федерико Гати шутираше лошо. Во 72. минута Теун Купмајнерс шутираше со глава, но топката мина покрај голот. Две минути подоцна Јувентус со водство ја круниса својата подобра игра. Во мешаницата во гостинскиот шеснаесетник најдобро се снајде Франциско Консеикао кој го совлада Зомер.
Во преостанатиот дел од мечот гостите силно тргнаа по израмнување, но не успеаја. Интер беше најблиску до израмнување во судиското продолжение, но Маркус Турам шутираше над голот.
На табелата води Наполи со 56 бодови, два повеќе од Интер, трета е Аталанта со 51 бод, додека Јуве е четврти со 46 бодови, исто толку колку и Лацио на петтото место.
Рома победи со 1:0 во Парма со голот на Матиас Соуле. Минута претходно домашните останаа со играч помалку по исклучувањето на Џовани Леони. Рома остана на деветтото место, додека Парма се уште е во зоната за испаѓање.
Удинезе го совлада Емполи со 3:0. Јунак на мечот беше двојниот стрелец Јирген Екеленкамп (19, 65), а меѓу стрелците се запиша и Флоријан Тавин (90). Со оваа победа тимот од Удине ја задржа десеттата позиција со 33 бодови, додека Емполи е на 17-то место со 21 бод, само бод над зоната за испаѓање.
Во претходните неделни натпревари Комо ја изненади Фиорентина со 2:0 на гостински терен. Монца и Лече одиграа без голови.

Слични новости
Оклахома Сити го победи Милвоки во најинтересниот натпревар од НБА лигата
Првопласираниот тим на Западот Оклахома Сити славеше на гостувањето во Милвоки со 121:105 во меч во кој директно играа еден против друг двајца кандидати за МВП титулата сезонава Шеи Гилџес Александар и Јанис Адетокумбо.
Британскиот тенисер Џек Дрејпер го освои Матерсот во Индијан Велс
Британскиот тенисер Џек Драјпер го освои Мастерс турнирот во Индијан Велс откако во финалето го совлада Данецот Холгер Руне. Дрејпер славеше убедливо со 2:0 во сетови ( 6:2, 6:2) во меч што траеше само 70 минути.
Барселона од 0:2 до победа на Метрополитано
Во дербито на 28. коло на шпанското фудбалско првенство, Барселона ја надомести негативата од два гола на мадридскиот стадион „Метрополитано’ и го совлада домашниот тим Атлетико со 4:2