Уставниот суд денеска на седница ќе расправа за оспорениот Закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик од 2023 година, по поднесена иницијатива од претседателот на Демократски сојуз, Павле Трајанов.

Во иницијативата, Трајанов наведува дека оспорените законски измени се спротивни на владеењето на правото, заштитата на правото на сопственост и еднаквоста која ја промовира Уставот.

Во иницијативата е наведено дека со овие измени една категорија граѓани се привилигирани, наспроти правосилно осудените лица кои добиваат дискриминаторски третман и за нив не важи намалувањето на казните.

Според Трајанов, расправата во Уставниот суд е задоцнета, бидејќи иницијативата е поднесена во септември 2023 година кога измените и дополнувањата на Кривичниот законик беа донесени по скратена постапка и со европско знаменце.

„Голем број на условно кажано криминалци се ослободени, нема да одговараат, нема да се конфискува нивниот имот иако некои од нив се стекнаа со огромни материјални богатства.  Да не кажам народната, по свадба – тапани. Нека расправа Уставниот суд, нека донесе одлука не за поништување, туку за укинување, да не важи за во иднина, но не верувам дека до таква одлука ќе дојде“, рече Трајанов за „Канал 5“ телевизија.

Измените и дополнувањата на Кривичниот законик предизвикаа реакции во јавностаСобранието на 6 септември 2023 година ги донесе  измените и дополнувањата на Кривичниот законик кои предизвикаа реакции во јавноста , кај правната фела и Европската комисија, бидејќи се однесуваат на членови што ги „ублажуваат“ казните кои тангираат функционери, службени и одговорни лица во јавни претпријатија и установи, а беа донесени за два дена.

Предложените законски измени беа изгласани во Парламентот со 48 гласови „за“, 36 „против“ и еден воздржан, по што беа потпишани од тогашниот претседател Стево Пендаровски.

Негативни реакции во јавноста предизвикаа измените на членовите кои се однесуваа на злоупотреба на службената положба и овластувања и злосторничкото здружување.

Пратениците со изгласувањето на измените ги намалија пропишаните казни за двете кривични дела, воведоа горна граница на максималната казна, а укинаа и еден став од членот за злоупотреба на службената положба и овластувања, со тоа предвидоа и порано застарување на делата.

Од власта, донесувањето на измените и дополнувањата на Кривичниот законик со европско знаменце го правдаа дека е заради усогласување со директивите на Европската Унија, додека за опозицијата, тоа беше обид за амнестија на актуелните функционери во случај на промена на власта.

Министерството за правда интензивно работи на измени на Кривичниот законикМинистерството за правда наскоро се очекува да излезе со кратко законско решение за измени во постоечкиот Кривичен законик, со кое треба да се отстранат штетните последици од законските измени на КЗ од 2023 година.

До донесување на нов Кривичен законик, кој треба да биде целосно усогласен со европските политики, Министерството работи на измени како привремено решение, односно враќањето на членовите 353, 353-в и 354 што ќе овозможи поефикасна примена на Законот против корупцијата и злоупотребата на службената функција.

Во однос на новиот Кривичен законик, министерот за правда Игор Филков очекува тој да биде донесен оваа година.

„Нашата цел е да имаме ефикасен и современ Кривичен законик, кој ќе биде одговор на потребите на општеството и на правосудниот систем. Очекувам новиот Кривичен законик да биде донесен во 2025 година. Тој е преведен на англиски јазик, а се привршува и процесот на подготовка на коресподентните табели, како обврска од билатералниот скрининг за Поглавјето 23“, вели Филков.

Едно од клучните прашања во новиот Кривичен законик, како што посочува Филков, ќе биде унапредувањето на санкциите за тежок криминал, особено за економски криминал и корупција, а ќе има и нови кривични дела поврзани со финансиски прекршоци, вклучително и практиката на конфискација на имот.

„Новиот Кривичен законик ќе биде дизајниран така што ќе се зголеми правната сигурност и ќе се подобри заштитата на човековите права, особено во делот на процесните права на обвинетите и осудените лица“, вели министерот Филков.

Откако ќе се добие мислење од Европската комисија, Кривичниот законик оди во владина процедура, а потоа ќе биде проследен до Собранието. дма/бак/Фото: Уставен суд

globe

Слични новости

Уште 12 повредени од Македонија префрлени на лекување во Србија, тројца во Грција и двајца во Австрија

Уште 12 повредени од Македонија префрлени на лекување во Србија, тројца во Грција и двајца во Австрија

Во меѓувреме, на Клиниката за токсикологија во Скопје хоспиталзирани се 10 лица кои имаат интоксикација со гасови. Сите пациенти кои беа на лекување во Кочани се префрелени во Скопје. Уште три лица се донесени на опсервација поради вдишување на гасови

Бектеши и поранешниот директор на пазарниот инспекторат Трајковски спроведени на сослушување во ОЈО Кочани

Бектеши и поранешниот директор на пазарниот инспекторат Трајковски спроведени на сослушување во ОЈО Кочани

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски денеска на прес-конференција соопшти дека во врска со несреќата во ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани се работи на итно процесуирање на 14 осомничени

Агелер: Нашите срца се скршени, благодарна сум на земјите од регионот за веднаш дадената помош

Агелер: Нашите срца се скршени, благодарна сум на земјите од регионот за веднаш дадената помош

Нашите срца се скршени, благодарна сум на земјите од регионот за веднаш дадената помош, изјави американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер, по потпишувањето во Книгата на жалост поради загинувањето на 59 лица во Кочани