Со извршената ревизија за работењето на Централниот регистар утврдени се неправилности, вклучувајќи продажба на патнички моторни возила без согласност од Владата, неусогласености во евиденцијата на приходи и нефункционирање на одредени регистри. Дополнително, утврдени се проблеми со долгови, неправилности во вработувањето и законски недоречености кои влијаат на ефективноста на институцијата.
Ова е објавено во конечниот ревизорски извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР) на Централен регистар на Република Македонија.
ДЗР извршил ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Централен регистар на Република Македонија, за 2023 година, при што изрази неповолно мислење во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и мислење со резерва за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива.

Со извршената ревизија утврдена е несоодветно воспоставена сметководствена евиденција на дел од градежните објекти со набавна вредност од 186.635 илјади денари, кои на Централен регистар, му се доделени со извршената трансформација на поранешниот Завод за платен промет. Причина за оваа состојба е несоодветниот третман на градежните објекти како државна поддршка, што влијае на искажаните податоци во финансиските извештаи, се наведува во денеска објавениот извештај.
Ревизорите, стои во соопштението од ДЗР, утврдиле дека во деловните книги не е евидентирано земјиштето на кое е изграден административниот објект Палата „Лазар Поп Трајков“ и кое со Одлука на Владата во 2013 година е доделено на трајно користење на шесте државни институции. За ова земјиште по завршување на ревизијата, законскиот застапник презел активности и истото е воведено во евиденцијата на Централен регистар.
– Извршена е продажба на патнички моторни возила без да се обезбеди согласност од Владата, со примена на интерен Правилник, кој не е усогласен со постапка за отуѓување предвидена во Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост, соопштија од ДЗР.
Во 2023 година, Централниот регистар остварил приходи од 367.738 илјади денари за извршените услуги поврзани со упис, обработка и дистрибуција на податоци, при што за овие услуги наплатувал соодветен надоместок утврден со Тарифа од Управниот одбор, по согласност од Владата. Меѓутоа, ревизијата утврдила дека податоците за бројот и видот на извршените услуги не се во согласност со искажаните приходи во сметководствената евиденција, што ја доведува во прашање точноста и целосноста на прикажаните приходи. Главни причини за ова, стои во извештајот, се недостаток на софтверско решение за поврзување на извршените услуги со наплатениот надоместок, отсуство на контроли при евидентирањето на приходите и примената на попусти или бесплатни услуги во одредени случаи.
Во извештајот ревизорите известуваат за несервисираната обврска за долгорочен стоков кредит во износ од 1,4 милиони евра, односно 86.093 илјади денари, која произлегува од Договор од 2007 година склучен со Министерството за економија, за користење на дел од средства одобрени од Меѓународната банка за обнова и развој, во рамки на Проектот за реформа на деловното опкружување и институционално зајакнување, кој требало да биде отплатен заклучно со октомври 2021 година. По насоки од Владата, во 2020 година формирана била работна група за утврдување на статусот и третманот на обврската, но сѐ уште не е донесен конкретен заклучок за постапување.
Исто така, утврдени се неусогласености на одредбите од Законот за Централен регистар и Законот за административни службеници во делот на пресметка на платите на вработените административни службеници. Утврдени се и неправилности во спроведувањето на постапките за вработување на административни службеници.
Според извештајот на ДЗР, постојат законски недоречености во однос на дефинирање на статусот на Централен регистар на Република Македонија, определување на вредност на основна главнина, прецизно назначување на носител на право на сопственост (основач) и начинот на финансиското известување, кои влијаат врз начинот на вршење на дејноста.
Во извештајот е истакнато дека три од воспоставените регистри и тоа: регистар на задолжници, фидуцијарен регистар и регистар за продажба на подвижни ствари со задржување на право на сопственост не функционираат во пракса и од истите не се остваруваат приходи и покрај тоа што има создадени технички можности и услови за нивно користење.
– Како причина за нефункционирањето на овие регистри се наведува неприменувањето на задолжница/договори за обезбедување на побарувања во должничко доверителските односи во пракса. Констатирани се и други состојби, неправилности и неусогласености од различна природа кои се однесуваат на: нецелосно извршен попис на средствата и обврските, несоодветно пресметување на амортизација на средствата, не преземени активности за законско отуѓување на расходуваните средства, иако истите се отстранети од сметководствената евиденција, не е воспоставено следење на имплементацијата на проектите согласно донесената Стратегија за развој 2023 – 2027 година, се вели во извештајот од ДЗР.
За надминување на констатираните состојби дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности од надлежните лица и органи во функција на подобрување на состојбите.
Слични новости
Таравари го разреши директорот на Кумановската болница
Министерот за здравство Арбен Таравари денеска изјави дека е разрешен директорот на Кумановската општа болница Стефан Трајановски. Ја разгледал документацијата на државната санитарна инспекција и, како што рече, во министерството констатирале дека има предуслови да се разреши директорот на Кумановската болница
Седум полициски службеници од Кочани и Штип осомничени за тешки дела против општата сигурност, доставен предлог за притвор
Предметен јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција, донел наредба за спроведување на истражна постапка против седум полициски службеници
Обвинителството бара продолжување на краткотрајниот притвор за 16 лица
Основното јавно обвинителство Кочани до надлежниот суд достави предлози за продолжување на мерката краткотраен притвор за нови 48-часа за 16 лица досега опфатени со постапката на кои оваа мерка им истекува во текот на денот, информираат од Обвинителството