Новата бугарска влада соопшти дека одбива да преговара со Македонија за олабавување на условите под кои Скопје може да ги започне преговорите за членство во Европската унија, наведува бриселскиот портал Еурактив.
„Пред три години, Бугарија и Северна Македонија постигнаа договор, со посредство на Франција, за меѓусебни отстапки за деблокирање на процесот за европска интеграција на Западниот Балкан. Владата во Скопје се согласи да го вклучи бугарското малцинство во својот Устав, а властите во Софија ветија дека ќе го укинат ветото за почеток на преговорите со Северна Македонија“, се потсетува во текстот објавен во понеделникот.
Авторот на написот натаму наведува дека лани дојде до промена на власта во Скопје и дека новата Влада предводена од Христијан Мицкоски ветила дека „нема да направи отстапки кон Софија“.

Еурактив ја пренесува изјавата на Мицкоски дека се чека на избор на редовна влада во Софија за да почнат преговори за укинување на бугарското вето, но посочува дека првите сигнали од бугарска страна се дека нема да има обнова на дијалогот.
„Бугарија потсетува дека вклучувањето на бугарското малцинство во Уставот на Северна Македонија не е билатерален проблем, туку е услов на Брисел кон Скопје“, наведува порталот.
Во текстот се пренесува и изјава на неименуван бугарски министер дека Бугарија останува „исклучително доследна“ на нејзината политика кон Западниот Балкан и на европската интеграција на сите земји од регионот.
„Постои европски консензус, кој во Бугарија е познат како ‘францускиот предлог’, што строго ќе се следи. Тоа што е постигнато како договор не е билатерален проблем меѓу Софија и Скопје, тоа е меѓу Брисел и нашите соседи од Република Северна Македонија“, вели министерот.
Од друга страна, според Еурактив, ВМРО-ДПМНЕ продолжува да инсистира уставните измени да бидат усвоени сега, но да стапат во сила по влезот на Северна Македонија во ЕУ за да се спречи ризикот Бугарија да стави ново вето по други основи, како и дека премиерот Мицкоски веќе побара средби со претставници на бугарската влада.
„Во минатото веќе имавме средби со бугарското раководство на највисоко ниво и со нивниот тогашен привремен премиер. Очекувам дека во следниот период ќе има средби со бугарската Влада на различни нивоа и тоа не треба да не чуди. Ниту ние ќе исчезнеме, ниту тие ќе исчезнат, ние сепак ќе бидеме соседи. Треба да изградиме добрососедски односи, но тоа не значи дека се согласуваме за некои теми за кои имаме разлики“, ја цитира Еурактив изјавата на премиерот Мицкоски.
Слични новости
Одреден притвор за седум службеници на МВР
Триесетдневен притвор за седум полициски службеници на Министерството за внатрешни работи од Штип и Кочани определи во средата вечерта Кривичниот суд во Скопје
Над половина од проверените локали не ги исполнуваат минималните технички услови, дури и оние со важечки лиценци, преку 80 отсто ќе бидат затворени
Според премиерот, се очекува инспекциските контроли да завршат за недела до две по што точно ќе се знае кои локали се безбедни. Тие што ќе продолжат да работат, рече, ќе значи дека 100 отсто ги исполнуваат минимум пропишаните услови
Таравари го разреши директорот на Кумановската болница
Министерот за здравство Арбен Таравари денеска изјави дека е разрешен директорот на Кумановската општа болница Стефан Трајановски. Ја разгледал документацијата на државната санитарна инспекција и, како што рече, во министерството констатирале дека има предуслови да се разреши директорот на Кумановската болница