Донеодамнешниот центар на Лос Анџелес Лејкерс, Ентони Дејвис дебитираше за Далас Маверикс, но неговата одлична вечер беше нарушена со повреда која го принуди да ја напушти играта во третата четвртина. До тој момент, тој постигна 26 поени, имаше 16 скока, седум асистенции и три блокади. Дејвис пред да го напушти натпреварот се фати за долниот дел на стомакот, а пред да дојде во Далас ги пропушти последните неколку натпревари на Лејкерси поради повреда на стомакот.
„Добро сум“, рече Дејвис откако Маверикс ги совладаа Хјустон Рокетс со 116:105 во пресметката во Тексас.
Одлична партија имаше и уште еден дебитант од Лејкерс, Макс Кристи, кој постигна 23 поени, а Клеј Томпсон и Кајри Ирвинг завршија со по 13 поени. Алперен Сенгун беше најдобар играч за Рокетс со 30 поени и осум скока, но Хјустон го претрпе шестиот последователен пораз.
Иако Лука Дончиќ сѐ уште не дебитирал за Лејкерс по шокантниот трејд и заминувањето од Далас, а Леброн Џејмс во саботата беше неактивен поради болки во скочниот зглоб, тимот од Лос Анџелес пред своите навивачи ги совлада Индијана Пејсерс со 124:117.
Остин Ривс беше одличен, постигнувајќи личен рекорд со 45 поени, седум скока и седум асистенции. Руи Хачимура додаде 24 поени и девет скока во петтата последователна победа на Лејкерс. Паскал Сијакам ги предводеше стрелците на Пејсерс со 23 поени, а Тајрис Халибартон постигна 19 поени.

Ивица Зубац беше најдобриот играч на ЛА Клиперс со 26 поени, 15 скока, пет асистенции, две украдени топки и една блокада во победата на домашен терен против Јута Џез со 130:110. Норман Пауел, исто така, постигна 26 поени во натпревар во кој Клиперс се вратија од двоцифрената негатива од првото полувреме, а одлична улога имаше и Џејмс Харден со 23 поени и 17 асистенции. Клиперси ја прекинаа серијата од три порази. Стрелците на Џезерите ги предводеше Џордан Кларксон со 24 поени, а Кејонте Џорџ додаде 21 поен.
Во Мемфис се сретнаа двете најуспешни екипи во Западната конференција, а кошаркарите на водечките Оклахома Сити Тандер (42-9) се радуваа на нова победа, петта во досегашната серија. Како и обично, прво име на натпреварот беше Шаи Гилџеус-Александер, постигнувајќи 32 поени со осум асистенции, додека Арон Вигинс имаше 26 поени и 11 скока. Џејлен Вилијамс додаде 25 поени и шест асистенции. Дезмонд Бејн ги предводеше Гризлис со 20 поени и девет скока, а Џерен Џексон Џуниор заврши со 19 поени. Санти Алдама влезе од клупата и постигна 18 поени. Овој пораз ја прекина серијата од четири победи на Мемфис (35-17).
Уште една важна пресметка во Западната конференција се случи во Феникс, каде што гостите во Денвер ги совладаа Санс со 122:105, иако Никола Јокиќ не беше водечки стрелец на Нагетс. Овојпат Џамал Мареј постигна 30 поени, погодувајќи шест „тројки“. Јокиќ остана на една асистенција до „трипл-дабл“ со 26 поени, 11 скока и девет асистенции, а Џулијан Страутер додаде 18 поени и шест скока во шестата последователна победа на Нагетс. Девин Букер постигна 24 поени а Бол Бол додаде 19 поени за Санс, кои загубија по четврти пат во последните пет натпревари.
Џими Батлер дебитираше за Голден Стејт Вориорс со 25 поени на гостувањето во Чикаго, каде тимот на Сан Франциско ги совлада домашните Булс со 132:111. Стрелците на Вориорс ги предводеше Стеф Кари со 34 поени, од кои 24 постигна во второто полувреме, во кое гостите надминаа негатива од 24 поени! Чикаго во вториот дел постигна само 42 поени а им дозволи на противниците 77. Најдобар играч на Булс беше Коби Вајт со 27 поени.
Њу Орлеанс Пеликанс го претрпеа осмиот последователен пораз, губејќи на гостувањето кај Сакраменто со 118:123. Кингс до победата ги предводеше Домантас Сабонис со 27 поени и 16 скока, а Зек ЛаВин постигна 22 поени во вториот настап за Сакраменто. Кај кралевите Киган Мареј постигна 19 поени. Најдобар стрелец на натпреварот беше Зион Вилијамсон со 40 поени, додека СиЏеј МекКолум постигна 31 за Пеликанс.
Во „Медисон Сквер Гарден“ се одигра важен меч меѓу екипи од Источната конференција, во кој Бостон Селтикс лесно ги совладаа домашните Њујорк Никс со 131:104. Џејсон Тејтум беше одличен, постигнувајќи 19 од своите 40 поени во третата четвртина. Пејтон Причард постигна 25 поени, а Лук Корнет, кој го замени болниот Кристапс Порзингис во стартната постава, запиша 14 поени и 12 скока за својот прв дабл-дабл оваа сезона.Победата на Бостон го донесе резултатот на 37-16, со што бранителот на титулата се зацврсти на второто место со три победи пред Њујорк (34-18). Никс во овој пораз ги предводеше Џејлен Брунсон со 36 поени.
Најнеизвесниот натпревар на вечерта го одиграа во Орландо домашните Меџик и Сан Антонио Спарс. Домашниот тим на крајот победи со 112:111, а победничкиот кош го постигна Паоло Банкеро на 25 секунди пред крајот. Виктор Вембањама можеше да им донесе победа на Спарс, но неговиот удар од шест метри на две секунди до крајот беше непрецизен. Банкеро го заврши натпреварот со 17 поени, а Вембањама со 18, заедно со девет скока и четири блокади. Стрелците на Орландо ги предводеше Франц Вагнер со 33 поени, кој имаше и 12 скока и пет асистенции. Најдобар стрелец на Спарс беше Девин Васел со 25 поени.

Слични новости
Андреева преку Сабаленка до најголемиот трофеј во кариерата
Руската 17-годишна тенисерка Мира Андреева надомести сет заостанување против светскиот рекет број еден Арина Сабаленка од Белорусија и победи со 2:6, 6:4, 6:3 во финалето на БНП Парибас опен во Индијан Велс
Антоан Гризман ќе го напушти Атлетико
Најдобриот стрелец во историјата на Атлетико Мадрид, Антоан Гризман по крајот на сезоната ќе го напушти клубо
Ф1: Норис најбрз во Мелбурн
Британецот Ландо Норис од тимот на Мекларен е победник на првата трка од сезоната на Светскиот шампионат во Формула 1 возена во Мелбурн, Австралија.