Цените на нафтата се стабилизираа на меѓународните пазари под нивото од 75 долари во четвртокот, балансирајќи меѓу проценките на Саудиска Арабија за силната азиска побарувачка и скокот на залихите во САД.

На лондонскиот пазар цената на барелот попладнето беше речиси непроменета од вчерашното затворање на тргувањето и изнесуваше 74,45 долари. Вчера пазарот беше затворен со загуба од 1,59 долари.

Позначителни промени денеска немаше ниту на американскиот пазар каде со барелот се тргуваше по 70,87 долари. Вчера го затвори тргувањето на минус 1,67 долари.

Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) одделно објави дека барелот од референтната кошничка нафта на нејзините членки во средата поскапел за 27 центи на 77,17 долари.

Трговците вчера беа загрижени од порастот на залихите во САД, бидејќи сигнализираше послаба побарувачка кај најголемиот светски потрошувач. Залихите на сурова нафта се зголемија за дури 8,7 милиони барели минатата седмица, а залихите на бензини за 2,2 милиони барели, покажаа податоците на Министерството за енергетика објавен во средата. Само залихите на дестилати, како што е нафтата за греење паднаа, за 5,5 милиони барели.

Побарувачката може да биде попречена и од трговските тензии меѓу САД и Кина, бидејќи тие негативно ќе влијаат на економскиот раст, предупредуваат аналитичарите.

САД воведоа царини од 10 отсто за кинескиот увоз минатиот викенд, а Пекинг возврати со давачки за увозот на американска нафта, течен природен гас и јаглен. Сепак, потегот на Кина е сè уште умерен, бидејќи рафинериите од САД увезуваат релативно мали количества нафта.

„Некои царини може да ги зголемат цените на нафтата, но кога сè ќе се собере и одземе, тие најверојатно ќе ги намалат, бидејќи може негативно да влијаат на глобалната економија, а американскиот претседател Доналд Трамп покажа дека е подготвен да понуди изземања за енергетските производи за да го ограничи влијанието врз понудата“, објаснуваат аналитичарите на BMI.

Во четвртокот Саудиска Арабија ги стабилизираше пазарите со зголемување на официјалната продажна цена на барелот за испорака во март до азиските купувачи. Цената сега ќе биде за речиси четири долари повисока од реперите во Оман и Дубаи, во услови на силна побарувачка во Кина и Индија и нарушувањата во испораките од Русија поради западните санкции.

globe

Слични новости

Европските берзи растат, тргувањето претпазливо и во Азија

Европските берзи растат, тргувањето претпазливо и во Азија

Цените на акциите пораснаа на европските берзи во средата наутро, благодарение на надежите за прекин на огнот меѓу Русија и Украина, но тргувањето беше претпазливо бидејќи Европската комисија најави контрамерки на американските царини