Планот на американскиот претседател Доналд Трамп неговата земја да ја преземе воено разурнатата Газа, да ја развие економски и да ја претвори во „блискоисточна ривиера“ по преселувањето на Палестинците во други земји, допира до едно од најчувствителните прашања во арапско-израелскиот конфликт, пишува во средата Reuters.
Плановите на Трамп веројатно ќе ги зголемат стравувањата кај Палестинците во Газа, каде што пред војната живееја околу 2,4 милиони луѓе, дека ќе бидат принудени да ја напуштат малата пренаселена крајбрежна енклава, а исто така ќе предизвикаат загриженост кај арапските држави кои долго време стравуваа од последиците од таков егзодус.
Палестинците долго време беа прогонувани од израелската агресија што ја нарекуваат „Накба“, или катастрофа, кога 700.000 од нив беа раселени за време на војната во 1948 година, која следеше веднаш по создавањето на израелската држава и обидите за нејзино територијално проширување или уништување.
Многумина беа протерани или избегаа во соседните арапски земји, вклучувајќи ги Јордан, Сирија и Либан, каде што многу од нив и нивните потомци сè уште живеат во бегалски кампови. Некои заминаа во Газа. Израел ги оспорува тврдењата дека тие биле протерани.
Последниот конфликт, моментално замрзнат поради кревкиот прекин на огнот, доведе до невидено израелско бомбардирање и копнена офанзива во Газа, при што урбаните области беа уништени.
Речиси целото население на Газа беше раселено неколкупати за време на израелската офанзива што започна по упадот на палестинската милитантна група Хамас во Израел на 7 октомври 2023 година, во кој според израелските податоци загинаа 1.200 луѓе. Според палестинските здравствени власти, оттогаш во Газа се убиени повеќе од 47.000 луѓе.
Официјалниот претставник на Хамас, Сами Абу Зухри, во средата рече дека коментарите на Трамп за преземање на Газа се „смешни“ и „апсурдни“ и може да го запалат регионот.
Пред Израел да ја започне својата офанзива во 2023 година, им порача на Палестинците во северниот дел на Газа да се преселат во безбедни области на југ и да преминат во Египет кој итно ја затвори својата граница кон палестинската енклава. Како што се прошири офанзивата, Израел им порача да се движат појужно кон Рафах на границата со Египет.
Подоцна, пред да ја започне кампањата Рафах, Израел им нареди да одат во новата хуманитарна зона во Ал-Маваси, крајбрежна област долга 12 километри што се протега од западните делови на Деир ал-Балах во централна Газа до Кан Јунис и Рафа на југ.
Според проценките на Обединетите нации, до 85 отсто од населението на Газа, една од најгусто населените области на планетата, веќе е раселено од своите домови.
Многу Палестинци во Газа рекоа дека нема да ја напуштат енклавата дури и кога би можеле, бидејќи стравуваат дека тоа може да доведе до повторување на трајното раселување како од 1948 година.
Египет и другите арапски земји силно се спротивставуваат на секој обид за испраќање Палестинци преку границата.
Како и Палестинците, тие стравуваат дека секое масовно движење преку граница дополнително ќе ги поткопа изгледите за решение за две држави или идејата за создавање палестинска држава покрај Израел и дека арапските земји ќе треба да се справат со последиците.
Саудиска Арабија соопшти дека нема да воспостави односи со Израел без создавање на палестинска држава, што е спротивно на тврдењето на Трамп дека Ријад не бара палестинска татковина.
САД со месеци се обидуваат преку дипломатија да ја натераат Саудиска Арабија, една од најмоќните и највлијателните арапски земји, да ги нормализира односите со Израел и да го признае. Но, Ријад тоа го одложи по војната во Газа и израелската офанзива предизвика гнев кај арапските земји.
Арапските влади, особено во Египет и Јордан, уште од првите денови на конфликтот велат дека Палестинците не треба да бидат протерани од нивната земја, каде што сакаат да основаат држава во иднина, која би ги вклучила окупираниот Западен брег и Појасот Газа.
Тогашниот израелски министер за надворешни работи, Израел Кац, кој сега е министер за одбрана, на 16 февруари 2024 година изјави дека Израел не планира да ги депортира Палестинците од Газа. Израел ќе се координира со Египет за палестинските бегалци и ќе најде начин да не им наштети на египетските интереси, додаде Кац.
Сепак, коментарите на некои членови на израелската влада ги поттикнаа палестинските и арапските стравови од нова Накба. инистерот за финансии Безалел Смотрич во неколку наврати повика на политика на „охрабрување на миграцијата“ на Палестинците од Газа и Израел да воведе воена управа на територијата.
Слични новости
Новите американски царини на кинески прозиводи стапија во Сила, Кина возвраќа со контрамерки
Ова не е прв пат Трамп да воведува царини на кинеските производи. За време на неговиот прв мандат воведе царини на кинески прозиводи во вредност од 360 милијарди долари, а Кина тогаш одговори со контрацарини на американските стоки.
Трамп предлага трајно раселување на жителите на Газа
Трамп го повтори својот повик до Јордан, Египет и другите арапски држави да ги примат жителите на Газа, велејќи дека Палестинците таму немаат друг избор освен да го напуштат крајбрежниот појас
ЕУ сака праговори со САД за спречување на царините на Трамп
Европската унија сака брзо да влезе во дијалог со САД во врска со планираните царини на претседателот Доналд Трамп, изјави во вторникот европскиот комесар за трговија Марош Шефчович, додека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен заклучи дека преговорите ќе бидат тешки