Трите најголеми трговски партнери на САД возвратија со контрамерки на царините наметнати од американскиот претседател Доналд Трамп.
Трамп во саботата потпиша извршна уредба за воведување царини од 25 отсто на стоки од Мексико и Канада, заедно со 10 отсто царини за кинески производи. Белата куќа соопшти дека царините, кои стапуваат на сила во вторник, се одговор на трите земји кои дозволуваат криумчарење на опасниот опијат фентанил од Кина и илегални мигранти во Соединетите држави.
„Претседателот Трамп презема храбри чекори за да ги повика Мексико, Канада и Кина одговорни за запирање на илегалната имиграција и запирање на протокот на фентанил и други дроги во нашата земја“, се вели во соопштението на Белата куќа.
Царините ќе останат во сила „до ублажување на кризата“, се вели во соопштението. Енергетските ресурси од Канада ќе имаат 10 отсто пониска тарифа, се додава. Во наредбата се наведува дека какви и да се контрамерки од трите земји може да предизвикаат зголемување или проширување на царините.
По потегот на Трамп, Трудо објави дека Канада ќе воведе еднакви царини од 25 отсто на увоз од САД до 106 милијарди долари.
Дејствијата преземени од Белата куќа „нѐ делат наместо да нѐ зближуваат“, рече Трудо на прес-конференција. „Ако претседателот Трамп сака да воведе ново златно доба за Соединетите држави, подобар пат е партнерството со Канада, а не казнувањето нас“, додаде. Трудо ги повика Канаѓаните да купуваат домашни, наместо да купуваат американски производи и услуги.
Канадската провинција Британска Колумбија веднаш одговори со повлекување на американските алкохолни пијалоци од полиците на продавниците и исклучување на американските производи од владините набавки. Премиерот Дејвид Еби напиша на платформата на социјалните мрежи Х дека Канада нема да „попушти“. „Ако Америка мисли дека царините ќе ја нарушат решителноста на Канаѓаните – тие грешат“.
Мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум побара од нејзиниот министер за финансии „да го спроведе Планот Б на кој работевме“, кој вклучува царински и нецарински мерки, напиша таа на X. Таа, исто така, возврати на американската „клевета“ дека нејзината влада се договара со нарко-картелите.
Кина соопшти дека се противи на царините и вети дека ќе преземе „соодветни контрамерки“, се вели во соопштението на Министерството за трговија на Пекинг. Кина ќе ги оспори американските царини преку Светската трговска организација (СТО – WTO), соопшти Министерството. Тие, исто така, ги повикаа САД да соработуваат и да ги решат нивните разлики „на основа на еднаквост, взаемна корист и взаемно почитување“, се додава.
Во објавата на неговата платформа Truth Social, Трамп рече дека негова должност е да ја зајакне безбедноста на Американците.
„Во мојата кампања ветив дека ќе ја запрам поплавата од илегални станци и дрога што се прелеваат преку нашите граници, а Американците со големо мнозинство гласаа за тоа“, напиша тој.
Трамп победи на претседателските избори во ноември, меѓу другото, и со ветувањето дека ќе воведе високи царини за странските стоки. Тој претходно воведе бројни царини за време на неговиот прв мандат од 2017 до 2021 година.
Слични новости
Реформската партија првпат води во британските анкети
Десничарската партија Reform UK сега е најпопуларна политичка партија во Обединетото Кралство, пред владејачката Лабуристичка партија
Мерц уверува дека е подготвен да ја води Германија во прогрес
Шеесет идеветгодишниот лидер на германските демохристијани доби громогласен аплауз од делегатите, кои на конвенцијата едногласно усвоија „програмата за итна акција“, вклучително и контроверзни мерки за реформирање на законите за миграција
Гренланд забранува странски донации за политичките партии
Гренланд, кој американскиот претседател Доналд Трамп би сакал да го вклучи во САД поради националната безбедност, има намера да усвои нацрт-закон со кој ќе се забранат странските донации за политичките партии на островот