Американскиот претседател Доналд Трамп во четвртокот изјави дека наскоро ќе одлучи дали да го исклучи увозот на канадска и мексиканска нафта од царините од 25 отсто што тој се закани дека ќе ги воведе во саботата на производите од тие земји.
„Можеби ќе направиме, а можеби и нема. Таа одлука ќе ја донесеме веројатно вечерва“, рече Трамп за тоа дали ќе бидат воведени царини на канадската и мексиканската нафта. Додаде дека тоа делумно ќе зависи од цените, како и од тоа дали двете земји ќе ги „третираат сад како што треба“.
Трамп ја постави саботата како краен рок за воведување царини од 25 отсто на увозот од Мексико и Канада за да ги принуди двата најголеми трговски партнери на Соединетите држави да преземат мерки за да се спречи илегалната миграција и испораката на фентанил преку нивните граници во САД.
Но, Трамп во четвртокот рече дека царините за Северна Америка ќе бидат наметнати „поради повеќе причини“ и рече дека нивото на давачките „може, а може и не, да се зголеми со текот на времето“.
Тој, исто така, рече дека сѐ уште размислува за нови царини за кинески стоки, наведувајќи ја кинеската улога во трговијата со фентанил. Се закани со царини од 10 отсто за сите кинески стоки, откако во првиот мандат воведе царини за кинескиот увоз во вредност од околу 370 милијарди долари, потсетува Reuters.
„Размислувам и за Кина, бидејќи тие испраќаат фентанил во нашата земја и предизвикуваат стотици илјади смртни случаи (…) Ние ќе одлучиме што ќе се случи, но Кина мора да престане да испраќа фентанил во нашата земја и да го убива нашиот народ“, рече Трамп.
Кинескиот претседател Си Џинпинг во 2023 година вети дека ќе работи со тогашниот претседател Џо Бајден за да го ограничи снабдувањето со фентанил во САД. Но, Пекинг тогаш го повика Вашингтон да преземе чекори за да ја ограничи побарувачката за дрога.
Мексиканското Министерство за економија одби да ги коментира последните изјави на Трамп. Канцеларијата на канадскиот премиер Џастин Трудо не беше веднаш достапна за коментар, објави Reuters.
Слични новости
Сенатот го потврди Крис Рајт за нов американски министер за енергетика
Американскиот Сенат во понеделникот го потврди Крис Рајт, директор на нафтена компанија без политичко искуство, за нов секретар за енергетика во администрацијата на претседателот Доналд Трамп
ЕК ќе толерира поголеми дефицити доколку земјите-членки трошат на одбраната
Најавата на претседателката на Комисијата би значела дека земјите-членки би можеле да имаат уште поголеми дефицити доколку овие средства се наменети за одбранбени проекти
Трудо: За триесет дена одложени американските царини за Канада
Канадскиот премиер и американскиот претседател разговарале двапати телефонски во понеделникот во обид да ја запрат трговската војна, известуваат медиумите