Договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа стапи на сила во неделата, речиси три часа по првично договорениот рок, запирајќи ја 15-месечната војна која донесе пустош и сеизмички политички промени на Блискиот исток.
Жителите и еден здравствен работник во Газа изјавија за светските агенции дека не слушнале никакви борби или воени напади околу половина час пред да стапи на сила договорот.
Во израелските воздушни и артилериски напади загинаа најмалку 13 Палестинци во периодот меѓу 7,30 часот, кога требаше да започне прекинот на огнот, и 10,15 часот кога тој навистина стапи на сила, изјавија палестинските здравствени работници.
Израел го обвини Хамас за одложувањето на прекинот на огнот, откако палестинската милитантна група не успеа навреме да достави список со имињата на првите три жени заложнички кои беа ослободени според договорот. Хамас го припиша доцнењето во спроведувањето на договорот на „технички“ причини, без да прецизира за што станува збор.
Палестински функционер запознаен со ова прашање, кој сакал да остане анонимен, изјавил за Reuters дека доцнењето дошло затоа што посредниците барале 48 часа „мир“ пред да спроведат прекин на огнот, но израелските напади до крајниот рок го отежнале испраќањето на списокот.
Два часа по истекот на рокот, Хамас објави дека го испратил списокот со имиња, а израелските власти го потврдија приемот. На списокот на Хамас на заложници кои ќе бидат ослободени во недела се Роми Гонен, Дорон Штајнбречер и Емили Дамари. Катар објави дека две од нив имаат и романско и британско државјанство. Израел веднаш не ги потврди имињата.
Кабинетот на израелскиот премиер во неделата објави дека ослободувањето на три заложнички кои ги држеше Хамас во Газа ќе се случи во недела по 16 часот. Во соопштението се наведува и дека за седум дена ќе бидат ослободени уште четворица заложници.
Долгоочекуваниот договор за прекин на огнот може да помогне да се стави крај на војната во Газа, која започна откако Хамас го нападна Израел на 7 октомври 2023 година, убивајќи околу 1.200 луѓе, според израелските власти. Израелската реакција доведе до целосно разорување на палестинската енклава и уби речиси 47.000 Палестинци, од кои најголем дел се деца и жени, според здравствените власти во Газа.
Војната, исто така, предизвика низа конфликти низ Блискиот исток меѓу Израел и неговиот главен непријател Иран, кој заразлика од минатото го поддржа Хамас во овој судир, и другите антиизраелски и антиамерикански вооружени формации низ целиот регион.
Список на заложници, најнови напади
Пред договореното спроведување на прекинот на огнот во 7,30 часот, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека договорот не може да стапи на сила додека Хамас не ги соопшти имињата на заложниците што ќе ги ослободи во недела.
Портпаролите на израелската војска во одделни изјави во неделата рекоа дека нивните авиони и артилерија нападнале „терористички цели“ во северниот и централниот дел на Газа и дека војската ќе продолжи со нападите додека Хамас не ги исполни своите обврски.
Палестинската цивилна служба за итни случаи соопшти дека најмалку 13 лица загинале во израелските напади, а десетици се ранети. Лекарите пријавија оган од тенк во областа Зејтун во градот Газа и рекоа дека воздушни напади и тенковски оган го погодиле и северниот град Беит Ханун, принудувајќи ги на ново бегство жителите кои се вратиле таму во очекување на прекин на огнот.
Сирените кои алармираат за опасност од воздушен напад што се огласи во областа Сдерот во јужен Израел беше лажна тревога, се вели во друго соопштение на израелската војска.
Израелските сили почнаа да се повлекуваат од областа Рафа сè до коридорот Филаделфија долж границата меѓу Египет и Газа, објавија медиумите поврзани со Хамас рано утрото во неделата.
Договорот за прекин на огнот во три фази следеше по неколкумесечни преговори со посредство на Египет, Катар и САД, а беше договорен непосредно пред инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп на 20. јануари.
Првата фаза ќе трае шест седмици, во која 33 од преостанатите 98 заложници, жени, деца, мажи над 50 години, болни и ранети, ќе бидат ослободени во замена за речиси 2.000 палестински затвореници и притвореници.
Тие вклучуваат 737 мажи, жени и тинејџери, од кои некои се членови на милитантни групи осудени за напади во кои загинаа десетици Израелци. Има и стотици Палестинци од Газа кои се приведени од почетокот на војната. За секој ослободен заложник, Израел мора да ослободи 30 палестински затвореници.
Според условите на договорот, Хамас ќе му испрати на Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) локацијата на состанокот во Газа и се очекува МКЦК да започне да вози до локацијата за да ги земе заложниците, изјави за Reuters официјален претставник вклучен во процесот.
Слични новости
Шведска: Околу десет лица убиени во училиште за возрасни
Шведската полиција во вторникот објави дека околу десет луѓе биле убиени во напад во училиште за образование на возрасни лица во Шведска, и дека верува дека напаѓачот е меѓу загинатите
Трамп ја прекинува соработката со Советот на ОН за човекови права
Се очекува американскиот претседател Доналд Трамп подоцна во вторникот да ја прекине соработката на неговата земја со Советот за човекови права на Обединетите нации и да ја продолжи забраната за финансирање на агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци
Може ли ЕУ да го одбрани Гренланд
Молкот на Европа за Гренланд може да се толкува како тактика да не се предизвикува голема бура и да не се предизвикуваат трансатлантски ескалции, додека политичарите се обидуваат тивко да ја ублажат заканата.