На Волстрит берзанските индекси беа главно непроменети во четвртокот, бидејќи пазарот не успеа да закрепне од остриот пад ден претходно, кога американската централна банка сигнализираше дека има намера да го забави темпото на намалување на каматните стапки.

Индексот Dow Jones зајакна 0,04 отсто, на 42.342 поени, додека S&P 500 загуби 0,09 отсто, на 5.867 поени, а индексот Nasdaq загуби 0,10 отсто, на 19.372 поени.

Откако прексиноќа потонаа за повеќе од 2,5 отсто, на почетокот на вчерашното тргување, индексите некако пораснаа. Сепак, обидот за опоравување не успеа, а овие добивки подоцна избледеа.

Новите макроекономски показатели ги потврдија пораките на првиот човек на Fed од овонеделната седница дека економијата постојано расте, дека пазарот на труд е сè уште силен, а инфлацијата и натаму е над целните нивоа на Fed.

Вчера беше објавено дека американскиот бруто домашен производ (БДП) пораснал за 3,1 отсто на годишно ниво во третиот квартал, што е повисоко од првата проценка за раст од 2,8 отсто. Оттаму, Fed нема причина да брза со нови стимулации. Дотолку повеќе што годинава во три навратa ги намали каматите, вкупно за еден процентен поен.

До неодамна, инвеститорите се надеваа дека Fed ќе продолжи да ја намалува цената на парите со оваа стапка следната година, па пораката на Fed од средата дека планира да ја забави стапката на намалување на каматните стапки делуваше како „ладен туш“ на пазар.

И покрај остриот пад оваа седмица, индексите сè уште се на пат за големи добивки оваа година. Индексот Dow Jones, кој порасна вчера првпат по десет дена пад, е во плус од почетокот на годината за околу 12 отсто, S&P 500 за околу 23, а индексот Nasdaq за околу 29 отсто.

Ваквиот силен раст е благодарение на еуфоријата за развојот на вештачката интелигенција, намалувањето на каматните стапки на Fed и победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД, бидејќи се очекува тој да придонесе за растот на економијата со своите политики и да спроведе дерегулација во неколку области.

A на европските берзи индексите вчера значително паднаа. Лондонски FTSE индексот ослабе за 1,14 отсто, на 8.105 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 1,35 отсто, на 19.969 поени, а париски CAC за 1,22 отсто, на 7.294 поени.

globe

Слични новости

Нафтата поевтини на 72 долари

Нафтата поевтини на 72 долари

Цените на нафтата паднаа во петокот поради загриженоста за побарувачката следната година, особено во Кина, најголемиот увозник на сурова нафта