Германија и другите европски земји ветија дека ќе обезбедат „одржливи безбедносни гаранции“ за Украина доколку има разговори за прекин на огнот откако Доналд Трамп ќе се врати во Белата куќа.
Во таканаречената Берлинска декларација, министрите за надворешни работи на Германија, Франција, Полска, Италија, Шпанија и Велика Британија, како и шефицата на ЕУ за надворешни работи, Каја Калас, го истакнаа продолжувањето на европската поддршка за Киев.
„Ние сме посветени на обезбедување цврсти безбедносни гаранции за Украина, вклучително и сигурна долгорочна воена и финансиска помош“, се вели во декларацијата.
Средбата беше организирана од германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок.
Групата се состана за да разговара за чекорите за зајакнување на Украина пред можното повлекување на воената помош од Трамп за Киев, откако тој ќе ја преземе функцијата на 20 јануари и, како што најави, ќе ги започне преговорите за примирје со Русија.
„Убедени дека мирот во Украина и безбедноста во Европа се неразделни, ние сме решително обединети со нашите европски и трансатлантски партнери темелно да ги разгледаме и дејствуваме по европските безбедносни прашања“, се наведува во декларацијата.
„Овде во овој круг, ние сме едногласни. На Украина и требаат силни безбедносни гаранции. Гаранциите ќе испратат јасна порака до Киев. Ние се залагаме за безбедноста и иднината на нашиот европски континент“, рече пред состанокот Бербок.
Калас рече дека треба да се направи повеќе за поддршка на одбраната на Украина од Русија.
„Мораме да направиме повеќе за да ја зајакнеме Украина на бојното поле. Колку се посилни на бојното поле, толку посилни ќе бидат во преговорите. И, се разбира, останува на Украина да каже кога е подготвена да седне на која било преговарачка маса“, додаде Калас.
Бербок и Калас не одговорија на прашањата за учество на германски или европски војници во евентуална мировна мисија во Украина, како што деновиве се заговара во Брисел.
Слични новости
Путин: Со Украина не е договорен мир поради „човекот со чудна фризура“
Претседателот на Русија, Владимир Путин, на традиционалната прес-конференција за крајот на годината, го обвини „човекот со чудна фризура“ дека и забранил на Украина да договори мир
Зеленски: Единството на САД и ЕУ е неопходно за мир и запирање на Путин
За праведен мир во Украина и за „запирање“ на рускиот претседател Владимир Путин, потребно е единство на САД и Европската унија, како и во рамките на самата ЕУ, изјави во четвртокот украинскиот претседател Володимир Зеленски
ХРВ: Ускратувањето вода од страна на Израел во Газа е чин на геноцид
Меѓународната организација за човекови права Human Rights Watch (HRW) во извештајот во четвртокот соопшти дека Израел убил илјадници Палестинци во Газа со тоа што им го ускратил пристапот до чиста вода, што според неа правно е чин на геноцид и истребување