Фудбалерите на Ателтико Мадрид и Лил остварија домашни победи во шестото коло од Лигата на шампионите, „Јорганџиите“ го совладаа Слован Братислава со 3:1, додека францускиот тим беше подобар со 3:2 од австриски шампион Штурм.

Атлетико доминираше на теренот од самиот почеток и брзо поведе против словачкиот тим, а Аргентинецот Хулијан Алварез постигна убав воведен гол во 16. минута. Слован можеше да израмни десет минути подоцна, но Барсегјан ја погоди гредата.

На крајот од првото полувреме Антоан Гризман зголеми на 2:0, но гостите успеаја да намалат на почетокот на вториот дел кога Стрелец реализираше пенал. Многу брзо Атлетико повторно дојде до предност од два гола, а во 57. минута Гризман го постигна својот втор гол на натпреварот. Со половина гас мадриѓаните го одиграа натпреварот до крајот и стигнаа до четвртата победа, односно 12 бодови. Покрај тоа, Атлетико загуби два натпревара.
Слован и понатаму е без бод, ова за словачкиот првак беше шести пораз во шестиот настап.

Лил потешко од очекувањата освои три бода на својот стадион победувајќи против Штурм со 3:2.

На крајот од првото полувреме се чинеше дека Лил ќе има лесен пат до славје. Сахрауи го доведе францускиот тим во водство во 37. минута, додека Бакер во судиското надополнување зголеми на 2:0. Во последните моменти од првото полувреме австрискиот шампион намали. Китеишвили беше стрелец за 1:2, а уште на стартот од продолжението на мечот Штурм израмни со голот на Биерет во 47. минута.

Неизвесноста траеше до 81. минута, кога исландскиот џокер од клупата, Хакон Харалдсон, ги развесели домашните навивачи, кога погоди за 3-2 откако само една минута порано влезе во игра.

Лил сега има 13 бода, четири победи, реми и пораз, додека Штурм го забележа петтиот пораз и само еднаш победи сезонава во Лигата на шампионите.

globe

Слични новости