Во 2024 година, 65,5 % од вкупната потребна енергија во земјава е обезбедена од увоз, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Вкупната потребна енергија во 2024 година изнесувала 2.541.849 тони нафтени еквиваленти (toe). Во структурата на оваа потрошувачка, најголемо учество имаат нафтените продукти со 44,7 % и цврстите горива со 24,9 %.
Во 2024 година, бруто-примарното производство изнесувало 842.142 toe, што претставува намалување од 10,6% во споредба со 2023 година. Најголемо намалување е забележано кај лигнитот, со пад од 20,9 % и хидроенергијата од 15,8 %, додека најзначително зголемување од 140 % е евидентирано кај соларната електрична енергија.
Финалната енергетска потрошувачка во 2024 година изнесувала 1.859.697 toe, по сектори: сообраќај – 47,6 %, домаќинства – 26,1 %, индустрија – 16,9 %, останати сектори – 8,4 %.
Учеството на обновливата електрична енергија во бруто-производството на електрична енергија изнесува 39,4 %, а во бруто-домашната потрошувачка на електрична енергија изнесува 35,4 %. Потрошувачката на електрична енергија во домаќинствата изнесува 1.727 KWh по жител на годишно ниво.