Во 2024 година се издадени само 12 лиценци за кабаре, а можете да претпоставите колку клубови работат низ државата, шокантна е состојбата по тоа прашање“, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски, кој ги посети повредените од пожарот во Кочани кои се лекуваат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.
„Од овие 12, не знаеме на колку им е истечена дозволата, која е со рок од една година. Нè очекува многу работа. Очигледно е дека некој не си ја работел работата и сега се обидува под наводно некаква политизација да ги сокрие криминалните активности што ги правел додека бил на функција. Нема да има милост, кој сака нека биде, од која сака етничка припадност нека биде, од која сака политичка партија нека биде. Тоа што се случувало е повеќе од криминал. Ова е масовно убиство што некој дозволил да се случи, со мито и со корупција“, рече Мицкоски.

Додаде дека клубот „Пулс“ во Кочани, каде викендов во пожар загинаа 59 млади луѓе, имал лиценци за работа само во 2021 и во 2023 година, а во останатите години работел без лиценци.
„Којзнае и во тие две години како се издадени лиценците и врз основа на кои елаборати и документи, оти видовме за 2024 година како се издадени и дека под тоа архивско бројче е заведена коресподенција со странски инвеститор. Да му одговорам на оној што прави полноќни прес-конференции – тука нема политика, ќе одговарате сите кои сте се дрзнале на овој начин да водите политика на грбот на граѓаните и на овие деца што ги изгубија животите. И нема да имаме милост. Ако мислат да играат на етничка карта и на политиканство, како што се обидоа вчера со полноќни прес-конференции, од дома за уши ќе ги вадиме, тоа треба да го знаат“, пораче премиерот Мицкоски.
Додаде дека ќе ги затворат сите ноќни клубови што работат без дозвола.
„Се боревме со политичката мафија, ги победивме на избори. Се боревме со мазут мафијата, ги ставивме во притвор. Се боревме со коцкарската мафија, дел избегаа, дел се во притвор. Се боревме со енергетската мафија, дел избегаа, дел се во притвор. Се боревме со уличната мафија, сите се во притвор. Ќе ја победиме и оваа администрациска мафија“, рече Мицкоски.
Не можеме одеднаш да се справиме со толку мафијашки кланови, додаде тој, „еден по еден ќе ги требиме и ќе ги истребиме до последен“.
На новинарско прашање за оставки по катастрофалниот пожар, премиерот рече дека е подготвен самиот да ја прифати целата одговорност.
„Ја прифаќам целата одговорност, ако тоа е желбата на поединци, но не сега, не додека не ги поразиме сите кои на криминален начин го сторија ова. А после ќе одиме на избори и граѓаните ќе кажат кој треба да сноси одговорност“, рече Мицкоски.
Уште еднаш се заблагодари на здравствените работници за пожртвуваноста, на соседните држави и на сите други кои излегоа во пресрет и прифатија дел од пациентите, како и на оние што испратија свои медицински тимови.
Најави дека попладне ќе биде отворена сметка за донации за сите хумани граѓани кои сакаат да помогнат по трагедијата во Кочани.
Слични новости
Министерството за здравство објави нови информации за бројот на хоспитализирани пациенти и нивната состојба
Министерството за здравство во понеделникот вечерта ја информираше јавноста дека медицинските тимови на здравствените установи и денеска се целосно ангажирани во обезбедување соодветна медицинска нега за сите пациент
Тошковски: Го разбирам гневот, очајот и разочараноста на граѓаните, но мораме да сме разумни и да работиме согласно закон
Моментално околу 20-тина луѓе се осомничени за трагедијата која се случи во клубот „Пулс“ во Кочани меѓу кои имаме луѓе кои биле на позиција министер, државен секретар, директори на институции, раководители на сектори, сопственици на правни лица, обезбедување на објекти, како и правни лица кои имале овластување да потпишат одредени документи согласно нивни овластувања, потврди денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски
Авион на грчкото воено воздухопловство вечерва од Скопје ќе пренесе во Атина тројца повредени
Со авион Ц-27 на грчкото воено воздухопловство од Скопје во Атина ќе бидат пренесени тројца повредени во пожарот во Кочани, кои ќе се лекуваат во грчката престолнина, објави грчката државна телевизија ЕР