Димитар Ковачевски -Таче, човекот за кој на сите им беше јасно дека залутал во високата политика конечно си поднесе оставка по дебаклот на изборите, а во СДСМ започнаа процедурите за избор на нов претседател и раководство на партијата. Не е проблем што Ковачевски, Спасовски, Костадиновска-Стојчевска и другите „таленти“ од највисокото раководство на СДСМ ја доведоа партијата до историски највисоки пораз, туку тоа што македонското општество го оставија без опозиција.

Откако извесна Моника Зајкова која беше коносител на листата на СДСМ во првата изборна единица ?! се прогласи за независна во парламентот, а како независна можеше да освои само само грст гласови од потесното семејство,  некои други ликови во политиката слични на неа, набргу ќе соопштат дека тие всушност отсекогаш биле „независни“ и со тоа и онака многу слабата пратеничка група на коалицијата предводена од СДСМ која освои 18 мандати на изборите, дополнително ќе се рони и ќе падне на бројка од под 15 пратеници, ако тоа де факто веќе се нема случено.

Годините кога Бранко Црвенковски владееше без опозиција (тогаш Љубчо Георгиевски и Петар Гошев направија катастрофална грешка со бојкот на вториот круг од изборите) знаеме дека се годините што ги изедоа скакулци. За млада и фрагилна демократија каква што е Македонија, не е добро да нема опозиција. Не само за опозицијата, туку и за власта на која и треба коректив, а да не зборуваме за самата држава и општество.

Дали новата власт ќе владее врз мерит систем, дали ќе спроведува реформи и ќе се бори против корупцијата, сега зависи од неа самата и од нејзината волја. Тоа што 5-6 пратеници од Левица ќе врескаат дека се што се прави е скандалозно, а мала група независни новинари ќе се обидуваат да укажуваат на евентуални погрешни политики на власта, нема да засега никого, или ќе има минимален импакт врз општествените текови.

Затоа изборите што во јуни ќе ги организира СДСМ не се само внатрешно прашање на партијата за кое треба самата да си се занимава, туку прашање од многу поголемо општествено значење, бидејќи од тоа зависи дали ќе бидат поставени некакви темели за во далечна иднина Македонија да има шанса за солидна опозиција.

Со години се верглаше тезата за „пасокизација“ на СДСМ. Но ова е многу погрешна теза. Местото на ПАСОК во Грција го зазеде Сириза како сериозна левичарска партија која ја освои и власта, а местото на СДСМ не го зазеде никој. Гласовите или им се одлејаа кај победничката партија, или во ЗНАМ која нема амбиции да биде опозициска структура, или исчезнаа, односно нивните некогашни гласачи останаа дома на денот на изборите.

Кога СДСМ победи на избори ВМРО-ДПМНЕ беше сериозна опозиција со разлика од само два мандати. Сега кога ВМРО-ДПМНЕ победи, тие се блиску, а можеби и  веќе имаат двотретинско мнозинство во парламентот, а СДСМ напросто го нема. Што е најстрашно, и тие 15-ина пратеници се луѓето што ја доведоа партијата до оваа кататстрофа и си се ставија да бидат носители на листите, па ситуацијата станува уште поочајна. Никој не верува дека ликовите од почетокот на текстот имаат капацитет да бидат сериозна опозиција во парламентот, а уште помалку да ја реформираат партијата и полека да прераснат во респектабилен и сериозен политички субјект кој ќе ја предводи македонската опозиција.

Внатрепартиските избори во СДСМ во јуни нема да поместат ништо. Агонијата на партијата која потона, ќе си продолжи по инерција. Единствен противник кој во моментов го има ВМРО-ДПМНЕ е самото ВМРО-ДПМНЕ, а бришаниот простор што го има пред себе, може само самата да си го загрози.

ДУИ е сериозна опозиција во албанскиот политички кампус, ама без силен сојузник кај македонскиот политички кампус. Излишно е да се каже дека и тие самите кумуваа во тоа СДСМ да биде збришана на изборите и да се бори за самиот опстанок на некаква централно-левичарска политичка платформа во Македонија. Она што е позитивно во целата приказна е старата максима дека „кога има муштерии, некој ќе го отвори дуќанот“.  

Слични новости

Победата на Трамп и кризата на традиционалните медиуми

Победата на Трамп и кризата на традиционалните медиуми

Кампањата на Трамп не беше фокусирана дури ни кај традиционалните медиуми кои го поддржуваат како медиумите на Руперт Мардок. Очигледно е дека Трамп и неговите советници за кампања и медиуми подобро и повеќе знаеја која е Америка, што гледа и што слуша, откако нивната стратегија доби јасна верификација со изборниот резултат.

Силата на новата десница

Силата на новата десница

Можеби најзначајно од се во идеолошка смисла, е паѓањето, или барем поместувањето на таканаречениот „санитарен кордон“ околу есктремната десница.