Верувам дека факултетите како и секогаш ќе им излезат во пресрет на студентите. Министерството е тука да посредува, како што и секогаш тоа го правело, затоа што овде МОН нема ингеренции, изјави министерката Весна Јаневска во врска со реакцијата на Универзитетското студентско собрание (УСС) на УКИМ на зголемените трошоци при упис на семестар на некои факултети и нивното барање да имаат средба со министерката.

Одговарајќи на новинарско прашање, Јаневска изјави дека очекува и студентите, и факултетите, да имаат разбирање за ситуацијата и дека може да се дојде до договор. За барањето средба со неа од УСС на УКИМ, таа рече дека МОН со студентската организација има континуирана соработка и постојани средби.

„Тоа не сум лично јас, тоа се секторите и службите од Министерството. Веќе сме информирани за тоа што студентите го бараат. Секако дека постои можност да дојдеме до договор. Сметам дека факултетите, но и студентите, ќе имаат разбирање за целокупната ситуација. Верувам дека факултетите како и секогаш ќе им излезат во пресрет на студентите. Министерството е тука да посредува, како што и секогаш тоа го правело, затоа што овде МОН нема ингеренции. Но, обврска наша е да помагаме и на едните и другите, сепак за развој на образованието и науката“, рече Јаневска, која денеска присуствуваше на отворање на ЕДИХ – прв европски дигитален иновациски хаб во државава.

Универзитетското студентско собрание при УКИМ (УСС-УКИМ) смета дека воведувањето дополнителни трошоци за материјални и онлајн ресурси на некои факултети не треба да бидат на товар на студентите. Во соопштение УСС наведе дека ќе се бара итен состанок со министерката за образование и наука Весна Јаневска, „со цел во најбрз можен рок дополнителните трошоци да бидат надоместени од државниот буџет, како што е предвидено согласно Законот“.

„Според член 123, став 5 од Законот за високо образование „(5) тековните трошоци – комунални трошоци, одржување, опрема и потрошен материјал за реализација на студиските програми и за работењето на високообразовната установа – на јавните високообразовни установи во целост се надоместуваат од Буџетот“, соопшти Универзитетското студентско собрание при УКИМ.

До денеска е рокот до кога може да се праќаат коментари за нацрт-концепцијата за реформи во гимназиското образование на е-адресата: javnarasprava@bro.gov.mk, откако таа беше објавена на веб-страницата на Бирото за развој на образованието (БРО).

По реакциите од катедри и институти, главно од Филозофскиот факултет на УКИМ, дека со концепцијата се редуцираат содржини од некои предмети од општествените науки, министерката Весна Јаневска денеска изјави дека многу сериозно ги сфаќаат сите изјави дадени од сите факултети и дека рокот за сугестии може да биде продолжен. Покрај досегашната онлајн-дискусија, рече таа, ќе продолжат и на терен за да се направи најдобар предллог-текст на концепцијата, посочувајќи дека сегашната верзија може да биде изменета.

„Секако дека може да се продолжи, секако дека ние многу сериозно ги сфаќаме сите изјави дадени од сите факултети, иако главно станува збор за Филозофскиот факултет. Веќе еднаш кажав дека ова е нацрт-концепција и дека може да претрпи промени. Ние продолжуваме и понатаму, досега ова беше по електронски, дигитален пат, малку ќе се придвижиме и на терен и секако дека ќе работиме и понатаму на подобрување на истата, изјави министерката Јаневска која денеска присуствуваше на отворање на ЕДИХ – прв европски дигитален иновациски хаб во државава.

Истакна и дека е многу задоволна што, како што рече, „за разлика од дел од стручната јавност, веќе добиваме силна поддршка од младите“.

„Можеби звучи контрадикторно, но јас сум навистина многу задоволна што новата концепција предизвика такви бурни дискусии, разговори и предлози“, додаде Јаневска.

По објавувањето на нацрт-концепцијата на официјалната веб-страница на БРО овој месец, МОН ги повика сите наставници, ученици, родители, експерти и заинтересирани страни со свои мислења, предлози и забелешки „да се вклучат во јавната дискусија за усвојување на најдобрата верзија“.

„Концепцијата за реформи во гимназиското образование е изготвена со цел да обезбеди современ, инклузивен и конкурентен образовен систем. Предложениот документ нуди модерни пристапи кои се насочени кон стекнување практични вештини, развивање критичко размислување, интеграција на дигитални технологии и усогласување со меѓународните образовни стандарди, како и поголем избор за учениците, со цел тие самите да можат да го моделираат својот образовен пат, според нивните интереси и идни цели. Мислењата и сугестиите на сите чинители на образовниот процес се од исклучителна важност за креирање гимназиско образование кое ќе ги подготви учениците за современите предизвици и ќе обезбеди меѓународно споредливи образовни резултати“, наведе МОН во повикот за онлајн дискусија за концепцијата.

Реформите се почнати затоа што гимназиското образование, како што посочи МОН, „повеќе од две децении не е предмет на суштински реформи, што го доведе до состојба на недоволна усогласеност со современите потреби и меѓународните стандарди“.

„Истражувањата покажуваат дека и наставниците и учениците ја препознаваат потребата од промени, особено во насока на модернизација на наставните програми, можност за избор на предметите, воведување современи методи на учење и оценување, како и унапредување на вештините релевантни за 21. век“, информираше МОН.

globe

Слични новости

Андоновски: Со закон ги забрануваме нелегалните онлајн игри на среќа

Андоновски: Со закон ги забрануваме нелегалните онлајн игри на среќа

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, во „Студио 10” на Телевизија 24, говореше за новите измени на законот за Елктронски комуникации во кој е предвидено да се забранат нелегалните онлајн игри на среќа.

Бешлиовска: Бараме итно вработување на медицинските лица кои со години работат без здравствено и пензиско осигурување

Бешлиовска: Бараме итно вработување на медицинските лица кои со години работат без здравствено и пензиско осигурување

Бараме итно вработување на медицинските лица кои со години работат без здравствено и пензиско осигурување, изјави денеска на прес-конференција, Гордана Бешлиовска, претседател на Унијата што ја предводи Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „За нас“