Министерката за образование и наука Весна Јаневска во однос на реакциите за концептот на гимназиско образование вели дека целта на новиот концепт е на прво место да дојдат афинитетите на учениците, а со тоа да се дојде и до подобар успех во македонското образование.
„Причините за промената на концепцијата на гимназиското образование, е тоа што таа 24 години во Македонија не е променета. Целото општество се согласува дека е потребна промена и ние, заедно со Бирото за развој на образованието, понудивме Предлог концепција за новото гимназиско образование. Во оваа концепција во центарот е поставен ученикот, неговите афинитети кон одредени предмети или кон одредени полиња, области кои ќе побудат кај него интерес и желба за учење. Познато е дека, за жал, нашите ученици не покажуваат добри резултати на меѓународните, па и на домашните тестирања. Се надеваме дека со еден таков концепт учениците кои пројавуваат интерес за одредени предмети ќе покажат и подобар успех, затоа што со желба ќе ги совладуваат знаењата и вештините и компетенциите од тие предмети“, наведува министерката во интервју за „Гласот на Америка“.
За Јаневска е нормално да има реакции бидејќи, како што вели, секоја новина предизвикува бурни реакции, но нагласува дека се работи за драфт веризија која е ставена на јавна расправа и се очекуваат предлози од стручната фела.
Не ја исклучува можноста за промени во концептот.
„Во контакт сме со Бирото за образование, кое дефакто е стручното тело да создава и предлага концепти, наставни планови и програми. Немавме сериозна средба до сега, но ќе оствариме. Во првичните контакти, да ние сме расположени да направиме некакви промени“, нагласува Јаневска.
Вели дека не се укинуваат предметите Етика и Логика и дека тие се дел од Филозофија.
„Не се укинуваат предметите. Во предметот Филозофија, со по 2 часа во 3. и 4. година, составен дел се и Етика и Логика. Ако професорите учествуваат во создавање на наставната програма, Министерството не може да им се меша во тоа што тие ќе вметнат во програмата и што ќе предаваат. Ако кажеме дека поединечно нема Етика и нема Логика да, меѓутоа има Филозофија во која може да се предава и Етика и Логика. Од тука, не гледам дека е тоа сериозен проблем. Проблемот е што тие предмети во 3. и 4. година ги ставивме како изборни, односно обврзувачки изборни предмети. Од група на шест (предмета) детето да избере два, а од друга група на 3 или 4 (предмета) ученикот да избере два предмета, на кои ќе се посвети“, појаснува Јаневска.
Додава дека јавната расправа ќе продолжи и дека ќе се разработува концепцијата.
Слични новости
Јаневска се надева дека факултетите ќе им излезат пресрет на студентите, задоволна од реакциите за гиманзиското образование
Верувам дека факултетите како и секогаш ќе им излезат во пресрет на студентите. Министерството е тука да посредува, како што и секогаш тоа го правело, затоа што овде МОН нема ингеренции, изјави министерката Весна Јаневска во врска со реакцијата на Универзитетското студентско собрание (УСС) на УКИМ на зголемените трошоци при упис на семестар на некои факултети и нивното барање да имаат средба со министерката
Поскапува парното за 5,03 проценти
Парното поскапува за 5,03 проценти, информира на денешната прес-конференција на претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски
Отворен првиот Европски дигитален иновациски хаб во земјата
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, во својот говор ја истакна важноста на овој проект за унапредување на дигиталната конкурентност на земјата. „ИННОФЕИТ ЕДИХ е првиот ваков Хаб во земјата