Цените на нафтата паднаа на 62 долари на меѓународните пазари во вторникот, а знаците за напредок во разговорите за мировниот план за Украина ги поттикнаа шпекулациите за можен полесен пристап до руската нафта.
Со барелот во Лондон попладнево се тргуваше по цена пониска за 1,36 долари во однос на вчерашното затворање на пазарот, од 62,01 долари. За речиси ист износ барелот поевтини и на американскиот пазар, каде што се тргуваше за 57,49 долари.
Одделните пресметки на Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) покажаа дека барелот од референтната нафтена кошничка на нејзините членки во понеделникот поскапел за 14 центи и чинел 63,14 долари.
Пазарите беа преокупирани на почетокот на неделата со разговорите за рамката на САД за мировен план за Украина. Според медиумските извештаи, Вашингтон кон крајот на минатата седмица изготви рамка од 28 точки, која била намалена на 19 точки по разговорите со украинските претставници во Швајцарија минатиот викенд.
Во меѓувреме, висок американски воен функционер, Ден Дрискол, се сретна ненајавено со руските претставници во Абу Даби, објави Reuters, но сè уште не е познато што разговарале.
Навестувањата за дипломатско решение на конфликтот повторно ги разгореа шпекулациите за можно ублажување на санкциите врз руската нафта, велат аналитичарите. САД на почетокот од месецот воведоа санкции врз руските нафтени гиганти „Лукоил“ и „Росњефт“, кои заедно произведуваат 5 отсто од светската нафта.
Одлуката на САД ги поттикна рафинериите во Индија да ги наполнат своите магацини со евтини руски барели пред крајниот рок за склучување трансакции, па се очекува индискиот увоз во ноември да достигне петмесечен максимум од 1,85 милиони барели дневно, според податоците од специјализираната фирма Kpler.
Руските компании ќе испорачаат многу нафта во ноември, бидејќи многу рафинерии кои се специјализирани за преработка на таквите видови нафта сакаат да ги наполнат своите резервоари, велат извори од трговските кругови.
Во меѓувреме, ирачкиот извоз се зголеми за 7,8 отсто во октомври на 110 милиони барели, покажаа податоците од државната компанија за продажба на нафта ЅОМО, што би одговарало на 3,58 милиони барели дневно. Кога ќе се додаде нафтата од полињата во ирачкиот дел на Курдистан, испораките достигнаа вкупно 110,65 милиони барели.
Слични новости
Претпазлив почеток на седмицата на европските берзи
Европските берзи тргуваа претпазливо во понеделник претпладнето, додека инвеститорите чекаат нови вести, а одлуката на Федералните резерви на САД за каматните стапки е во фокусот оваа седмица
Доларот благо падна, благ раст на цените на нафтата
На валутните пазари, вредноста на американскиот доларот во однос на кошничка валути благо падна во претпладневното тргување во понеделникот
Секоја четврта продавница не издава фискални сметки
До крајот на ноември годинава, Управата за јавни приходи (УЈП) спровела околу 4.000 контроли за регистрирање на готовинскиот промет, што претставува зголемување за 2,5 пати во однос на истиот период минатата година


