Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави во средата дека се согласува со американскиот претседател Доналд Трамп дека американските и европските сојузници треба подеднакво да го делат товарот на воената помош за Украина.

Трамп бара од ЕУ да инвестира повеќе во одбраната, до пет проценти од БДП-то, иако ниту една членка на НАТО, вклучително и САД, не се приближно до тој износ, и да преземе поголема одговорност за да му помогне на Киев против речиси тригодишната руска инвазија.

Сојузниците минатата година се согласија да ѝ дадат на Украина 40 милијарди евра воена помош, но на крајот завршија со 50 милијарди, од кои повеќе од половината беа од европските земји и Канада, покажуваат податоците на Алијансата. Остатокот дојде од САД.

„Ова испраќа јасна порака за нашата несомнена посветеност на Украина. Тоа е исто така голем чекор напред кон она што го бара претседателот Трамп. Се согласувам со него дека треба да ја изедначиме безбедносната помош за Украина“, им рече Руте на новинарите во Брисел пред состанокот за продолжување на помошта за Киев.

НАТО неодамна објави дека Европа и Канада инвестирале 485 милиони евра во одбраната во 2024 година, 20 отсто повеќе од претходната година. Повеќе европски земји ги зголемиле буџетите за одбрана последниве години, поттикнати од руската инвазија на Украина и стравувањата дека САД би можеле да ја намалат својата посветеност на одбраната на континентот под водство на Трамп, главен критичар на НАТО.

„Доколку Русија би го нападнала НАТО во овој момент, реакцијата би била розорна и таа би изгубила, но сојузниците мора да ги зголемат трошоците за одбрана за да бидат посилни во иднина“, рече Руте.

Руте на прес-конференцијата пред состанокот на министрите за одбрана на НАТО додаде дека членките на Алијансата мора да ги зголемат трошоците за одбраната и одбранбената индустрија со оглед на брзината со која Русија го зголемува производството на оружје и опрема и она што Кина го прави за да ги зајакне своите воени капацитети.

„Сега сме сигурни, нашата одбрана и силата за одвраќање се силни сега, но нема да бидеме за четиро-пет години ако не донесеме некои тешки одлуки оваа година. Треба да издвоиме значително повеќе од 2 отсто од БДП-то и да произведуваме повеќе. Проблемот не е само во европскиот дел на НАТО, туку и на американската страна, бидејќи од Калифорнија до Анкара не произведуваме доволно оружје и опрема“, додаде генералниот секретар.

Руте повтори дека очекува сојузниците да постават нова цел за доделување над 3 отсто од БДП-то на самитот во Хаг летово, но дека не сака да се обврзува на никакви конкретни бројки бидејќи сѐ уште е рано за детали.

Дводневниот состанок на министрите за одбрана на НАТО започнува во среда попладнето, на кој првпат ќе учествува новиот американски министер за одбрана Пит Хегсет. Во рамките на оваа средба ќе се состане и Контакт групата за воена помош на Украина, а со состанокот првпат нема да претседаваат САД, туку Велика Британија.

Контакт групата за помош на Украина, односно Групата Рајмштајн, именувана по американската воена база во Германија каде што првпат и досега се состануваше, беше иницирана од САД во април 2022 година по руската инвазија за да ја координираат воената помош за Украина и надвор од НАТО.

Непосредно пред да истече неговиот мандат, американскиот претседател Џо Бајден ги укина ограничувањата за употреба на оружје со долг дострел доставено до Украина кон крајот на неговиот мандат, за да може таа да напаѓа целите во Русија од кои се напаѓа украинската територија. Новата американска администрација сѐ уште не го коментирала ова.

globe

Слични новости

Министрите на ЕУ разговараат за нов план за воена помош за Киев вреден милијарди евра

Министрите на ЕУ разговараат за нов план за воена помош за Киев вреден милијарди евра

Министрите за надворешни работи на Европската унија треба да се состанат во понеделник за да разговараат за нова иницијатива која би можела да обезбеди милијарди евра дополнителна воена помош за Украина