Шведски „Northvolt“ преговара да го продаде своето работење со батерии за тешката индустрија до крајот на годината, бидејќи нема доволно пари, а исто така ќе се откаже од производството на системи за складирање енергија, се вели во интерен меморандум.
Шведската компанија со забрзано темпи се обидува да ги „закрпи“ финансиите и го намалува обемот на работењето, кој во иднина би требало да се ограничи на производство на батериски ќелии.
Првичниот план предвидуваше и производство на батерии за електрични возила и нивно рециклирање.
Во ноември, компанијата прогласи банкрот во САД и најави реструктуирање на своето работење, а сега веќе поранешниот извршен директор Ларс Карлсон рече дека им се потребни 1,2 милијарди долари.
Во поднесувањето барање за заштита од доверителите според законот за банкрот на САД, компанијата наведе дека ќе се обиде да продаде одделот во рамките на „Northvolt Systems“ што произведува батерии за индустријата.
Операциите на „Northvolt Systems“ се концентрирани во Полска и ја вклучуваат централата „Northvolt Dwa“.
Вредноста на трансакцијата не е позната, но извршниот директор на „Northvolt“ во заминување во ноември изјави дека само „Northvolt Systems“ работи во плус. Нејзините батерии се користат во дупчалки и во градежништвото за напојување машини како што се вилушкари, а ги купуваат компании како што се шведскиот производител на рударска опрема „Epiroc“ и финската инженерска група „Konecranes“.
„Northvolt“ разговараше околу два месеца за можна продажба на тој дел од работењето со „голема индустриска компанија“ што не ја именуваше во интерниот меморандум од 22 ноември до работниците, истакнувајќи дека тие сигнализирале успешен исход.
Разговорите се прелиминарни, но менаџментот напоменува дека ќе се обидат да се договорат со купувачот во наредните седмици, се вели во меморандумот.
Доколку не најде купувач, компанијата ќе мора да го затвори тој дел од бизнисот, бидејќи од следната година повеќе нема да има пари за него, се наведува.
Запрашан за рокот до крајот на годината, портпаролот на компанијата „Northvolt Poland“ изјавил дека се оптимисти и очекуваат позитивен исход од разговорите.
Во американското барање за стечај, „Northvolt“, исто така, откри дека има намера да го затвори одделот за складирање енергија на „Northvolt Systems“. Одлуките за овие два дела од бизнисот се донесени независно од барањето за стечај во САД, наведе компанијата во писмото до вработените.
На почетокот на септември, „Northvolt“ објави дека има намера да бара стратешки партнери за работењето со системи за складирање енергија. Во вторникот, портпаролот рече дека не можат да најдат инвеститори.
Затворањето на тој дел од бизнисот ќе резултира со отпуштање на околу 130 работници во Полска, објави компанијата.
Доколку успее да ги продаде двата сектора на „Northvolt Systems“, работењето на компанијата ќе се намали, повеќе или помалку, на фабриката за батерии во Скелефтеа и центар за истражување и развој во Вастерас, во близина на Стокхолм.
Плановите на „Northvolt“за изградба на фабрики за батерии во Германија и Канада најверојатно ќе бидат одложени, објави компанијата во последните седмици.
Слични новости
Германските компании планираат помалку вработувања и повеќе отпуштања
Со продолженото слабеење на германската економија, сѐ помалку тамошни компании сакаат да вработуваат а сѐ повеќе размислуваат за отпуштања
Нафтата благо поскапе поради падот на залихите во САД
Цените на нафтата во четвртокот благо пораснаа поткрепени од падот на залихите на сирова нафта во САД, но нивниот раст беше ограничен бидејќи американската централна банка сигнализираше дека ќе го забави темпото на намалување на каматните стапки во 2025 година, што би можело да му наштети на економскиот раст, да ја намали побарувачката и да го зајакне американскиот долар
Продажбата на нови автомобили во ЕУ во ноември падна за два отсто
Продажбата на нови автомобили во Европската унија е намалена за околу два отсто во ноември, покажаа податоците на Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA) во четвртокот