Реновирањето на париската катедрала Нотр Дам, кое траеше повеќе од пет години, беше обележано со некои речиси чудесни настани но и со контроверзии, a во прилог на свеченото отворање на катедралата во саботата, неколку клучни моменти ги бележи агенцијата AFP.
Спасители
Париските пожарникари беа пофалени за нивната брза и решителна акција вечерта на 15 април 2019 година, а нивните команданти подоцна изјавија дека мислеле дека само 30 минути ги делат од уривањето на зградата.
Борејќи се со чадот и соочувајќи се со ризикот да паднат урнатини, тие формираа човечки синџир заедно со црковните службеници за да ги спасат највредните ракотворби и религиозни богатства, со што помогнаа да се зачува најголемиот дел од незаменливиот инвентар на катедралата.
Други видоа божествена интервенција во начинот на кој бакарна статуа на петел, која стоеше на врвот на запалената кула од XIX век, беше пронајдена недопрена среде јагленисани урнатини. Преживеале и три мошти, вклучително и парче од круната од трње што ја носел Исус пред неговото распнување, а петелот сега е изложен во париски музеј.
Внатре во катедралата, фотографиите направени ден по пожарот покажаа огромен златен крст на олтарот, оставен да стои опкружен со остатоци што тлеат, симбол на надеж и пркос за многумина во мрачниот ден за христијаните и за целата земја.
Спорен архитектонски конкурс
Францускиот претседател Емануел Макрон го нарече пожарот „повод за обединување“, но чувството за национално единство набрзо исчезна по катастрофата.
Неговиот предлог да се вклучи „елемент на современата архитектура“ во реновирањето веднаш предизвика критики од конзервативците кои бараа реконструкцијата да остане веродостојна на последната голема надградба на архитектот Ежен Виоле-ле-Дук од 1844 година.
Воениот генерал задолжен за реконструкцијата јавно не се согласуваше со главниот архитект по прашањето за редизајнот, а пријавите за архитектонски конкурс за избор на нова кула доведоа до непријатни извештаи во медиумите.
Еден предлог што првата дама Брижит Макрон ѝ го покажала на тогашната министерка за култура Роселин Башело, наликува на „фалус со пиедестал опкружен со златни топки“, како што напиша самата Башело во книгата.
На крајот, беше направена реплика на старата кула.
Но, ќе бидат поставени шест нови витражни прозорци со дела од современи уметници, што е скромна отстапка за оригиналната визија на Макрон.
Контаминација со олово
Покривот и кулата на катедралата беа прекриени со приближно 400 тони олово, штетен тежок метал кој се стопи и испаруваше поради топлината на огнот, од кои некои се смета дека ја загадиле околината.
Властите ги расчистија околните училишта и ги советуваа локалните жители да ги избришат површините во своите домови поради ризикот од труење.
Здравствената добротворна организација се здружи со синдикат и родителите на учениците за да поднесат кривична пријава во 2022 година, обвинувајќи ги властите дека не ги преземале сите мерки за да се спречи контаминација.
Подигнувањето на обвинение е можно доколку се утврди дека надлежните или инволвираните компании несовесно го штителе здравјето на граѓаните или работниците испратени да го деконтаминираат теренот, а истрагата ја надгледува специјален судија.
Непозната причина
Главниот париски обвинител во моментот на пожарот, Реми Хајц, веднаш по несреќата изјави дека верува дека најверојатната причина за катастрофата е електричен дефект или догорче од цигара.
Познато е дека дел од вработените, кои во моментот на пожарот работеле на реновирање на покривот, пушеле на работното место, но истражителите не успеаја да го утврдат точниот почеток на пожарот.
Исто така, во текот на петгодишната форензичка анализа се истражуваа и шпекулации за можно подметнување пожар, но не беа пронајдени докази за тоа.
Сегашната главна обвинителка во Париз, Лор Бекуо, во април изјави дека „колку се приближуваме до точката каде што избувнал пожарот и колку повеќе резултати од анализата добиваме, толку е поголема веројатноста за теоријата за несреќен случај“.
Влезници
Министерката за култура Рашида Дати предложи посетителите на обновената катедрала да плаќаат влезници од пет евра и така собраните средства да бидат дистрибуирани до околу 4.000 цркви ширум Франција на кои им е потребна реставрација.
Наплатата за влез во Нотр Дам, каде што влезот беше бесплатен пред пожарот, ќе ја усогласи туристичката атракција со катедралата на сввети Павле во Лондон или со миланската катедрала.
Сепак, црквата во Франција го критикуваше овој предлог, а надбискупот рече дека црквите и катедралите „отсекогаш биле места отворени за секого“ и дека заработувањето пари од посетителите би било „предавство на нивната првична цел“.
Француската држава е сопственик на катедралата и затоа го има последниот збор.
Слични новости
Ватикан на работ од банкрот
Ватикан, најмалата држава на светот, за своите проходи се потпира врз комбинација на донации и инвестиции. Во 2023 дефицитот на Ватикан изнесуваше 83 милиони евра, што е 5 милиони евра повеќе отколку лани, објавуваат италијанските медиуми.
Елтон Џон прогласен за икона на годината на „Тајм“
Сер Елтон Џон е прогласен за икона на годината на магазинот „Тајм“ за 2024 со што е овековечено неговото шестдецениско патување низ музичката индустрија. Признанието не го одразува само неговото трајно влијание во музиката, туку и придонесот кон филантропијата и активизмот.
Бесмислено враќање на воените стратегии од 1950-тите
Се проценува дека во нападите на Хирошима и Нагасаки се убиени 38.000 деца. Сведоштвата на преживеаните покажува дека идејата дека нуклеарна војна може да се води и да се добие на бојно поле е бесмислица, која само ги зголемува шансите за нуклеарна војна.